Од денес започна наплатата на казни за возила со странски регистарски таблички кај кои системот „Безбеден град“ евидентирал сторен сообраќаен прекршок на територијата на Македонија, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, се појавуваат возила кај кои системот има претходно евидентирано сообраќајни прекршоци. На возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка. Поголемиот број возила кои денес се појавуваат на граничниот премин се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци“, соопштија од Министерството.

Од таму додаваат дека преземаат активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците.
„Со воведувањето на овој механизам се обезбедува еднаков и неселективен пристап во санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без оглед дали станува збор за возила со домашни или странски регистарски таблички. „Безбеден град“ претставува значаен инструмент за унапредување на безбедноста во сообраќајот и зголемување на одговорноста кај сите учесници во сообраќајот. Министерството за внатрешни работи продолжува со имплементацијата на системот, со цел неговата примена постепено да се прошири и на останатите гранични премини во државата“, велат од МВР.












