Извршниот директор на компанијата „Мета“, Марк Цукерберг, купил замок во готски стил од 19 век, со поглед кон река во југоисточниот дел на Ирска, на околу 200 километри од европското седиште на неговата компанија.
Снимките направени со дрон во четвртокот го прикажуваат замокот „Странкали“, кој бил изграден околу 1830 година на имот со поглед кон реката Блеквотер, а во 2003 година бил подложен на темелна реконструкција, според податоците од државниот архитектонски архив.
Трансакцијата не е наведена во ирскиот државен регистар на цени на недвижности. „Ајриш тајмс“, кој прв извести за купувањето, процени дека вредноста на имотот би можела да изнесува 30 милиони евра.
Портпаролот на Цукерберг изјави дека тој и неговото семејство се возбудени што ќе продолжат да се грижат за овој историски дом и дека му се радуваат на времето што ќе го поминуваат во Ирска.

„Мета“ вработува околу 1.500 луѓе во Ирска, каде што бројни американски мултинационални технолошки компании имаат свои европски седишта, делумно и поради поволниот даночен режим во земјата.