„Читај додека да пристигне возот“: Необична акција на железницата во Германија

Точка

25/08/2026

12:10

319

Големина на фонт

а а а

Што може да се прочита за пет, десет или дваесет минути? Во време кога вниманието станува сè повредно, а долгите текстови за многумина изгледаат како напор, се создаваат нови начини книжевноста да им се доближи на читателите.

Класиците се скратуваат и поедноставуваат и се нудат на места каде што не би очекувале книги – на пример, на некои железнички станици во Германија.

Патниците, во зависност од тоа колку време треба да чекаат, можат да изберат верзија од познато дело што се чита за пет, десет, дваесет минути или половина час.

Проектот „Читај додека да пристигне возот“ нуди скратени верзии на „Преобразба“ од Франц Кафка или „20.000 милји под морето“ од Жил Верн, како и познати говори, меѓу кои и „I Have a Dream“ („Имам сон“) на Мартин Лутер Кинг.

Германската железница за таа цел ги претворила празните ѕидни површини во „културни пунктови“. Содржините се сумирани со помош на вештачка интелигенција.

Од железницата велат дека притоа настојувале, колку што е можно, да ги зачуваат препознатливиот јазик и тонот на оригиналот.


Проектот, кој започна кон крајот на минатата година, покажува нов однос кон културата. Резимеата и кратките верзии треба да го олеснат пристапот до литературата и да го разбудат интересот за оригиналните дела.

Идејата книгите да се сведат на најважните мисли и на кратко време за читање или слушање веќе е дел од поширок тренд.

Апликациите како „Instaread“ (Инстантрид) нудат резимеа на бестселери во текстуален и аудиоформат, кои можат да се прочитаат или преслушаат за околу 15 минути.

Во преден план се клучните идеи и согледувања – понуда што знаењето го претвора во мали, лесно достапни временски единици.

Поедноставената лектира веќе со години постои и во училиштата. Изданијата со ознаки како „light“ или „x-light“ користат пократки реченици, поедноставна граматика, поголем фонт и дополнителни објаснувања.

Педагошка идеја

Во основата на овој пристап стои педагошка идеја. За учениците, оние кои учат германски или лицата кои имаат тешкотии со читањето, историски слоевитиот јазик, долгите реченични конструкции и непознатите наративни постапки можат да претставуваат сериозна пречка.

Застапниците велат дека литературата, на крајот на краиштата, може да делува само доколку воопшто се чита.

Јазично поедноставената верзија е подобра отколку делото воопшто да не се прочита, а може и да ја разбуди љубопитноста за Гете или Томас Ман во оригиналот.

Баварското здружение на професори во гимназии истакна дека поедноставените верзии можат да имаат свое место – но како вовед.


„Читањето на класичните книжевни дела на поедноставен јазик, во најдобар случај може да овозможи прв пристап до текстот“, истакна претседателот на здружението, Волфрам Јанке.

Истовремено, берлинскиот дидактичар по литература Марсел Хумар предупреди дека „литературата не добива значење независно од јазикот, туку токму преку неговиот специфичен начин на употреба“.

За него, ритамот, реченичната структура, метафорите и повеќезначноста не се украс, туку суштината на книжевното дело. Кога јазикот ќе се „испегла“, се менува и самото дело.

Фактот што литературата денес сè почесто се нуди во пократка и попристапна форма е поврзан и со развој што може сè појасно да се измери.

Германскиот пазар на книги бележи забележителен пад на бројот на млади читатели. Бројот на деца и тинејџери на возраст од 10 до 15 години кои во 2025 година купиле книга се намалил за 30,6 отсто во однос на претходната година.

Книгите се купуваат сè помалку

Опаднал и вкупниот број купувачи на книги. Здружението на германските книжари и издавачи гледа поврзаност меѓу овој тренд и слабеењето на читателската писменост.

За овој развој постои поим кој потекнува уште од медиумската теорија од шеесеттите години, а денес повторно добива значење – „постлитерарно“.

Со него се опишува општество во кое читањето не исчезнува, но способноста за длабоко, концентрирано читање сè повеќе слабее.

Американската невронаучничка Мериен Волф (Maryanne Wolf) во јули годинава го опиша овој процес во магазинот „Атлантик“ како губење на способноста за длабоко, концентрирано читање (deep reading).

Не станува збор за тоа дека поединечни зборови повеќе не се разбираат, туку за способноста внимателно да се следи подолг текст, да се воспоставуваат врски и да се размислува за прочитаното. Според тоа, општеството може и понатаму да чита – а сепак да стане „постлитерарно“.


Од друга страна младите во Франција се обидуваат со поинаков пристап кон литературата. Во близина на Авињон, група предводена од Жером, 25-годишник кој настапува под псевдоним, организира таканаречеи книжевни дуели.

Во кратки вербални пресметки се соочуваат ставовите на писатели и мислители – на пример, Емил Зола против Гистав Флобер или Карл Маркс против Адам Смит. Забавните снимки се објавуваат на социјалните мрежи и допираат до широка публика.

И таму литературата и науката се претставуваат во краток формат. Но делата не се сведуваат само на дејството, туку стануваат почетна точка за дискусија и толкување. Кој пишува подобро? Која идеја звучи поубедливо?

Кратката средба со литературата не мора да биде површна. Резимеата и поедноставените верзии можат да ја отворат вратата кон некое дело.

Меѓутоа, прашањето е што останува од книжевното дело ако скратената верзија повеќе не води кон оригиналот, туку го заменува.