Општина Илинден: Реновирана спортската сала „Гоце Делчев“

Макфакс

02/09/2026

10:02

99

Големина на фонт

а а а

Општина Илинден го заврши реновирањето на спортската сала „Гоце Делчев“, подобрувајќи ги условите за спорт и активен живот во населеното место Илинден преку модернизација на инфраструктурата и зголемување на енергетската ефикасност.

Општина Илинден целосно ја реновираше спортската сала „Гоце Делчев“ во населеното место Илинден, со што објектот доби современи, функционални и побезбедни услови за спортистите, младите и сите љубители на спортот, соопштија од општината.

„Реновирањето се реализираше по речиси две децении активно користење на салата, со повеќе градежни и технички интервенции насочени кон подобрување на нејзината функционалност, безбедност и енергетска ефикасност.“ – истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.

Во рамки на проектот е извршена целосна санација на таркетот, со стругање и нанесување три слоја специјален заштитен лак отпорен на гребење и пролизгување, како и ново обележување на теренот за различни спортски дисциплини.

Обновени се и ѕидовите и таваните, додека трибините се бојадисани и опремени со нови седишта. Поставена е нова заштитна ограда, а извршена е и замена на гумираниот под и реновирање на соблекувалните.

Дополнително, во рамки на реконструкцијата се бетонирани стопи и поставени метални елементи за монтажа на мобилни столбови за одбојка, со што се унапредуваат условите за одржување тренинзи и натпревари во повеќе спортови.

Како дел од активностите за модернизација на спортската сала, претходно беа заменети дотраените металхалогени рефлектори со современи ЛЕД светилки. Новото осветлување овозможува подобра видливост и значително поголема енергетска ефикасност.

Вложувањето во спортската инфраструктура останува еден од приоритетите на локалната самоуправа, со цел создавање квалитетни услови за развој на спортот, поттикнување на здрави животни навики и обезбедување подобар квалитет на живот за сите граѓани.