Општина Карпош ја поддржува младата генерација преку доделување стипендии на талентирани ученици од основните училишта за учебната 2026/2027 година. Право на стипендии имаат ученици со одличен успех и постигнувања на различни натпревари, а стипендиите се поделени во две категории според освоените бодови.
Општина Карпош продолжува да ги поддржува младите таленти и нивните успеси, преку доделување стипендии за талентирани ученици од основните училишта на својата територија за учебната 2026/2027 година.
Право на стипендија имаат ученици кои се жители на Општина Карпош, редовно посетуваат VIII или IX одделение во основните училишта на територијата на општината, имаат одличен успех во претходната учебна година и освоиле I, II или III место, односно награда на натпревари организирани од здруженија и организации акредитирани од Министерството за образование и наука. При рангирањето ќе се земаат предвид дипломите освоени во VII одделение за учениците кои сега се во VIII одделение, односно дипломите од VIII одделение за учениците кои се запишани во IX одделение. Бодувањето се однесува на натпревари од областа на науката, литературата, техниката, културата и уметноста, при што највисоко се вреднуваат успесите на меѓународните натпревари и олимпијади.
Стипендиите се поделени во две категории. Учениците кои ќе освојат од 12 до 21 бод ќе добиваат 3.000 денари месечно, додека оние со освоени 22 или повеќе бодови ќе добиваат 3.500 денари месечно. Стипендиите ќе се исплаќаат во период од осум месеци во текот на учебната 2026/2027 година. За учество на огласот потребно е кандидатите да достават барање за доделување стипендија, доказ за жителство во Општина Карпош, потврда дека се редовни ученици, свидетелство за успехот од претходната учебна година, фотокопии од дипломите за освоените места или награди, како и изјава за согласност за обработка на личните податоци.
Пријавувањето започнува на 1 септември и трае до 21 септември 2026 година. Документите може да се достават по пошта на адреса: ул. „Никола Русински“ бр. 11, 1000 Скопје, или директно во Архивата на Општина Карпош, со назнака „Апликација за стипендија на талентиран ученик“. Оттука, ги информираме апликантите дека нема да бидат разгледувани некомплетните и ненавремено доставени пријави.
Во таа насока, од Општината напоменуваат дека ученик кој ги исполнува условите за добивање на стипендија за образование и на стипендија за спорт од Општина Карпош, може да користи само една од нив, по сопствен избор.












