Најдобрата тенисерка во светот, Арина Сабаленка, се најде на мета на бројни критики поради нетипичниот и провокативен стајлинг во кој се појави на годинашниот Ју-Ес Опен.
Познатата белоруска тенисерка заигра во мешани двојки со Новак Ѓоковиќ во мрежест, портокалово-црн проѕирен фустан, кој предизвика поделени реакции кај публиката.
Иако многу љубители на тенисот порачаа дека таквото издание не ѝ прилега на најдобрата тенисерка во светот, Сабаленка брзо им одговори на критичарите.

Одговарајќи на забелешките за мрежестата опрема од брендот „Најк“ и скапоцениот накит, Белорусинката јасно стави до знаење дека воопшто не ја засегаат туѓите мислења. Таа објасни дека стајлингот бил инспириран од кошарката и Њујорк, исто како што и претходните турнири годинава имале свои посебни спортски мотиви.

„Кому му е гајле што мислат луѓето?“, праша Сабаленка.
Сепак, атрактивната комбинација не им помогна на Сабаленка и Ѓоковиќ, па натпреварувањето во мешани двојки го завршија уште во осминафиналето, откако загубија од двојката Патен и Синијакова.
Многу поголем успех првата носителка имаше во поединечна конкуренција, каде што на стартот од турнирот рутински ја совлада Камила Осорио.

На тој меч таа носеше целосно портокалова верзија на истата опрема, нагласувајќи дека најмногу ѝ се допаѓа токму нејзината уникатност.

Белоруската тенисерка на терените во Њујорк има и голема историска мисија – се обидува да освои три последователни титули на Ју-Ес Опен, нешто што последен пат ѝ успеа на големата Серена Вилијамс.

Следниот предизвик на тој пат ја очекува веќе во второто коло, каде што силите ќе ги одмери со младата руска тенисерка Полина Јатченко.