Во Скопје денеска беа промовирани 49 нови возила за комунална хигиена кои се обезбедени со поддршка од Светска банка. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски истакнаа дека новата механизација ќе помогне за побрзо и поефикасно одржување на јавната хигиена, а најавена е и испорака на електрични автобуси за еколошки јавен превоз.
Нови 49 возила за комунална хигиена беа промовирани денеска во Скопје, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Возилата се обезбедени преку проект реализиран со поддршка од Светска банка.
Ѓорѓиевски соопшти дека новата механизација ќе ги зајакне капацитетите за одржување на јавната хигиена и ќе овозможи побрзо, поефикасно и поредовно собирање на отпадот.
„Сметот со години беше еден од најгорливите проблеми во Скопје и една од најтешките слики на нефункционалноста на системот на нашите претходници. Уште од првиот ден кога ја презедов функцијата градоначалник, ветив дека нечистотијата, преполните контејнери и запуштените улици ќе станат минато. Денес зборот станува дело“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој најави дека Град Скопје со сопствени средства набавува дополнителни специјализирани возила, како и повеќе од 3.300 нови контејнери, за кои постапката е во завршна фаза.
„Со обновена механизација, нова опрема и подобра организација, му ставаме крај на долгогодишниот проблем со сметот“, порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот му се заблагодари на премиерот Мицкоски за поддршката на локалната самоуправа, како и на вицепремиерот Николоски и на директорката на Светска банка за Македонија за придонесот во реализацијата на проектот.
Мицкоски, пак, на промоцијата рече дека проектот е дел од активностите за подобрување на животната средина и хигиената во општините.
„Им честитам на сите оние коишто ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот, повикувам и на општествена одговорност и на граѓанска одговорност затоа што нашата жизнена средина е наша животна средина и треба да си ја чуваме сите, подеднакво да бидеме одговорни кон истата“, рече Мицкоски.
Тој најави дека следен чекор ќе биде испораката на електрични автобуси до општините за организирање еколошки јавен градски превоз.
„Тука не застануваме, продолжуваме и понатаму, следен чекор е испораката на автобусите коишто би требало многу скоро да почнат да се испорачуваат до општините за организирање на еколошки јавен градски превоз, тука мислам на електричните автобуси“, рече премиерот.
Мицкоски се осврна и на работата на Владата во изминатите 26 месеци, обвинувајќи ја претходната влада на СДСМ и ДУИ дека оставила „клекната, ограбена и распадната држава“.
Тој посочи дека еден од водечките проекти на почетокот на мандатот на Владата било децентрализирањето средства од државниот буџет кон општините, при што биле обезбедени проекти во вредност од половина милијарда евра за капитални инвестиции.
„Знам дека не е идеално, знам дека тешко се живее, впрочем и никогаш не било полесно, но ние сме тука да го оставиме срцето на терен и да направиме сè што е во наша моќ да подготвиме проекти како овој“, рече Мицкоски.
Вицепремиерот Николоски истакна дека набавката е реализирана преку транспарентен процес, при што од проценетата вредност од 5,5 милиони евра, опремата е набавена за 4,2 милиони евра, со што е остварена заштеда од околу 1,3 милиони евра.
„Сакам да кажам како дојдовме до оваа идеја и како почнавме. Ние имаме со Светската банка како Влада и како министерство, еден проект кој што траен неколку години, за ревитализација и за изградба на нови локални и регионални улици и тие се спроведуваат низ сите општини во државата. Имајќи предвид дека последните два повици беа исклучително добро направени, дојдовме до една заштеда на средства во тој момент од околу 5,5 милиони евра и тогаш се сретнавме со директорката на Светска банка и нејзиниот тим. Се сеќавате минатата година што се случуваше со претходниот градоначалник во Скопје, и во едни такви услови разговаравме како е најдобро да се помогне и на Градот Скопје и на останатите општини. И идејата дојде, овие возила кои што денес се реалност, се најдобриот начин да се помогне на Град Скопје и на останатите општини. Влеговме во процесот и повторно направивме заштеда, проценетата вредност беше 5,5 милиони евра, а вкупната вредност на оваа вредност е 4,2 милиони евра. Што значи дека низ еден транспарентен процес успеавме да ја завршиме набавката и тука да заштедиме средства“, истакна Николоски.
Николоски посочи дека вкупно се набавени 19 мултифункционални камиони од различен тип, 9 специјализирани камиони, цистерни, и 21 мултифункционално возило, кои што треба да помогнат во чистење на улиците.
„Во овој проект ќе има возила за градот Скопје, Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар, Велес, а се надевам дека со останатите проекти ќе има и за останатите општини“, потенцираше заменик претседателот на Владата.
















