Заврши санацијата на мостот на Маркова Река, од утре целосно отворен за сообраќај

Макфакс

04/09/2026

16:00

159

Големина на фонт

а а а

Јавното претпријатие за државни патишта ја заврши санацијата на мостот на Маркова Река пред предвидениот рок, а од утре тој ќе биде целосно отворен за сообраќај. Обновата ја подобрува безбедноста и функционалноста на мостот, а градежните активности беа прилагодени за да не создаваат застој во сообраќајот.

Јавното претпријатие за државни патишта ги известува граѓаните на Кисела Вода, поточно граѓаните коишто гравитираат кон населените места Драчево, Зелениково, Батинци итн., дека ја заврши санацијата на мостот на Маркова Река пред предвидениот рок и дека од утре, 05.09.2026 година, мостот ќе биде во целосна функција.

Подобрување на безбедноста

Имено, со цел подобрување на безбедноста и функционалноста на конструкцијата на мостот на Маркова Река на регионалниот пат Р1106, Јавното претпријатие за државни патишта започна со негова санација.

Градежни активности

„Градежните активности се одвиваа забрзано и со темпо кое е прилагодено на летниот период кога сообраќајот се одвива со намален интензитет, со цел да се минимизира застојот и влијанието врз учесниците во сообраќајот. Градежните работи, пак, опфатија санацијата на горниот строј на мостот, при што се изврши отстранување на постојните дилатациони фуги, сливници, асфалтот и тротоарите. Се постави нова бетонска плоча, хидроизолација на мостовската конструкција, се изврши асфалтирање, како и изградба на нови тротоари со рабници и санација на парапетна греда“, соопшти претпријатието.

Изведувачи и финансии

Градежните работи ги изведуваше Друштвото за градежништво и проектирање „Синтек Инженеринг“ ДООЕЛ, с. Бразда, додека надзорот го вршеше Друштвото за управување со проекти „ЕОС Е.Е.“ ДОО Скопје. Средствата за санацијата беа обезбедени од буџетот на ЈПДП, а издвоената вредност изнесуваше 4.619.800,00 денари без ДДВ.

Постојано одржување

Јавното претпријатие за државни патишта додава дека се грижи за безбедноста и одржувањето на повеќе од 1.100 мостови на државните патишта на целата територија на државата и ја следи нивната состојба со цел зајакнување на безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот.