Сулејмани од Гевгелија: Зборовите ги заменуваме со резултати – Старата чаршија повторно живее

Макфакс

05/09/2026

15:40

149

Големина на фонт

а а а

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, заедно со други владини претставници, ја отвори реконструираната Стара чаршија во Гевгелија, чија цел е да се зачува и оживее културното наследство како современо културно-туристичко јадро.

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, присуствуваше на свеченото отворање на реконструираната Стара чаршија во Гевгелија.

Реконструкцијата е реализирана со инвестиција од 41 милион денари. Старата чаршија, која од 2004 година е регистрирана како споменик на културата, повторно го добива заслуженото место во културниот и туристичкиот живот на Гевгелија.

Во рамките на проектот се реставрирани фасадите на дуќаните, изведено е ново гранитно поплочување, просторот е опремен со урбана опрема и осветлување, а целосно е реконструирана и подземната инфраструктура. Со тоа, Чаршијата добива нов лик, притоа задржувајќи ги автентичноста и препознатливиот дух.

Изјава на министерот

„Денеска, овде во Старата чаршија во Гевгелија, зборовите ги заменуваме со резултати. Наша обврска е да го зачуваме културното наследство, но и да му дадеме нов живот и нова вредност“, истакна министерот за култура и туризам Сулејмани.

Тој нагласи дека целта е ваквите места да не останат само споменици на минатото, туку да прераснат во живи културни простори, отворени за граѓаните, културните настани и посетителите.

„Старата чаршија во Гевгелија сега станува современо културно-туристичко јадро. Ова е потврда дека со вложувањето во културното наследство вложуваме и во развојот на локалната заедница и туризмот. Старата чаршија денеска е обновена, но уште поважно е што таа повторно живее“, порача Сулејмани.

Владата, Министерството за култура и туризам и локалните заедници ќе продолжат со реализација на проекти што носат видливи резултати и го прават културното наследство живо, достапно и препознатливо за новите генерации.