Младеновска: Седум починати и 56 случаи на западнонилска треска, институциите задоцнија со реакцијата

Макфакс

06/09/2026

11:30

65

Големина на фонт

а а а

Рената Младеновска од СДСМ алармира за задоцнета реакција на институциите во справувањето со западнонилската треска во Македонија, каде што до 1 септември се регистрирани седум починати и 56 заразени случаи. Таа укажува на лошата превенција и потребата од итни системски мерки.

Клековски и Мицкоски не менаџираат со здравствената криза од западнонилска треска. Македонија е на првото место во Европа по бројот на заболени во однос на бројот на жители, пред земји како Италија, Грција и Романија, изјави Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Според неа, институциите задоцниле со реакцијата, а навреме не било спроведено ниту прскањето против комарци.

„До 1 септември регистрирани се вкупно 56 случаи на западнонилска треска, а седум лица починаа. Не функционира системот за превенција, заштита и контрола на вектор-преносливите болести. Не функционираат градоначалниците на ВМРО-ОКГ. Не функционираат здравствените институции“, рече Младеновска.

Таа потсети дека СДСМ претходно барал системски мерки, Национален штаб, ентомолошки мониторинг и национална карта на ризик, но, како што рече, власта ги игнорирала овие барања.

Младеновска направи паралела и со здравствената криза со водата во Гостивар, тврдејќи дека и тогаш институциите задоцниле со реакцијата.

„Со западнонилската треска повторно гледаме задоцнета реакција откако бројот на заболени и починати веќе порасна. Истиот модел, истиот институционален хаос“, рече таа.

Од СДСМ велат дека задачата на институциите е да превенираат, контролираат и навремено да реагираат за да го заштитат населението и побараа одговорност за справувањето со ситуацијата.

„Кога системот не функционира, кога превенцијата доцни, кога институциите молчат и кога никој не презема одговорност, цената ја плаќаат граѓаните. Со своето здравје, а за жал, и со своите животи. Одговорност мора да има“, порача Младеновска.