Јаневска: Зголемена е поддршката за талентираните ученици, поттикнуваме поголемо учество на меѓународни олимпијади и натпревари

Макфакс

07/09/2026

12:00

116

Големина на фонт

а а а

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека државата го зголемува вниманието и поддршката за талентираните ученици преку обезбедување финансии за учество на меѓународни натпревари и други мерки за нивна афирмација и развој.

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова и министерката за образование и наука Весна Јаневска денес остварија средба со 100 талентирани ученици кои преку здруженија на наставници или индивидуално, годинава учествуваа на меѓународни научни олимпијади и престижни ученички натпреварувања. На средбата, им порачаа дека се гордост на државата и дека институционалната грижа кон талентираните, како и кон сите ученици и млади ќе продолжи да се зголемува.

Патриотизам

„Се радувам што од година во година евидентираме сé поголем талентирани млади со желба за натпревар, кои сакаат да ја претставуваат државата надвор и со гордост го прават тоа. За мене тоа е вистински патриотизам и затоа продолжете да бидете репрезенти на татковината. Ви честитам на сите кои оваа година учествувавте на врвни натпревари, а дел од вас освоија и високи награди и признанија“, рече Јаневска пред учениците.

Поддршка

Во последните три години државата ја зголеми поддршката за талентираните ученици. Нивните семејства повеќе немаат грижи како ќе обезбедат средства за учество на меѓународни натпревари, затоа што Министерството за образование и наука во целост ги покрива трошоците за пат и котизација. Минатата година беа исплатени 5, а годинава досега 3 милиони денари за оваа намена.

Равноправност

Министерката рече дека сите деца се важни и должност на институциите е да им се посветуваат подеднакво, да имаат поквалитетно образование и еднаков пристап до образовните можности. Но, талентираните ученици бараат посебно внимание за да можат целосно да ги реализираат личните аспирации и потенцијали, па оттука и значителната промена на политиките за нивна поддршка.

Иницијативи

Потсети дека министерството редовно објавува повици за доделување на парични средства за освоени високи места и медали на меѓународни натпревари, парични средства за освоени први места на државни натпревари, конкурси за доделување стипендии за талентирани средношколци, како и дека во тек е изработка на Концепција за детектирање и работа со талентирани деца.