Македонија ја очекува настап на Европското првенство во одбојка, а тоа воедно ќе значи историја за едно доста познато име-Васе Михаилов.
Поранешниот македонски репрезентативец сега е дел од стручниот штаб на селекторот Јошко Миленкоски, односно тоа го прави единствениот кој ќе може да се пофали дека и како играч и како тренер учествувал на ЕП.
Михаилов како играч, на позицијата либеро, настапи на ЕвроВолеј 2021 во Тампере, Финска, а беше дел и од тимот кој дебитираше на ЕП 2019 во Љубљана, Словенија, а потоа стави крај, прво на репрезентативната, а потоа и на играчката кариера. Од минатата година тој премина во тренерски „води“ и доби шанса од ОФМ и од селекторот Јошко Миленкоски да работи во сениорската репрезентација како еден од неговите асистенти.
Сега тој е дел од македонската делегација во Софија и може да се пофали дека засега е единствениот кој и како играч и како тренер бил дел од еден контенентален собир.
Во продолжение и други интересни факти и податоци за македонската репрезентација и нејзините настапи на ЕвроВолеј.

За селекторот Јошко Миленкоски ова ќе биде трет ЕвроВолеј. Вторпат по 2023 година како предводник на Македонија. Претходно на ЕП 2017 тој беше селектор на Турција со која стигна до плеј-офот;
Либерото Филип Јованов првпат повик во А тимот доби во мај годинава, а по одличниот настап во Европската лига 2026, ќе дебитира и на ЕвроВолеј 2026;
Покрај Јованов премиерно на едно ЕП во тимот ќе бидат и техничарот Давид Стојанов, коректорот Кристијан Илијев и средниот блокер Михајло Мирасчиев, додека во стручниот штаб ова е прв ЕвроВолеј за помошникот тренер Кристијан Ристески, како и физиотерапевтот Дино Попоски;
Со дури четворица од вкупно петте противници во групната фаза: Бугарија, Португалија, Украина и Израел, Македонија ќе игра за првпат на ЕвроВолеј. Досега единствено сме се соочиле со Полска во групната фаза на ЕП 2023 во Скопје, кога загубивме со 3:0;
Во пресрет на ЕвроВолеј 2026 Македонија учествуваше во Европската лига 2026 каде одигра шест натпревари со скор од три победи и три порази. Ги победивме Луксембург, Исланд и Косово – репрезентации кои нема да настапат на ЕП 2026, додека загубивме од Холандија, Грција и Израел, кои се учесници на ЕвроВолеј 2026;
Македонија е може да се пофали дека играла четири финалиња во Европската лига: 2015, 2016, 2017, како и финалето во Сребрената Европска лига во 2021, но сите ги загубила. Единствено Турција (три победи и два порази) може да се пофали дека има повеќе финалиња од неа (едно во Европската лига и четири во Златната Европска лига).











