Неделата на македонската култура во Албанија се одржа од 3 до 6 септември, со настапи на повеќе од 70 уметници во Тирана, Драч и Корча. Настаните ги одбележаа успешни концерти, изложби и перформанси проследени со голем интерес од публиката и медиумите, потврдувајќи ја важноста на културната соработка меѓу Македонија и Албанија.
Од 3 до 6 септември, во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Тирана и директорката Ема Попивода, во Албанија се одржа Неделата на македонската култура.
Со учество на повеќе од 70 уметници од Македонија, во Тирана, Драч и Корча се одржаа настани за паметење, проследени од многубројна публика. За програмата известуваа бројни албански медиуми, а македонските уметници гостуваа и во емисии на националната телевизија „Топ чанел“.
Неделата на македонската култура се реализираше со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија, Амбасадата на Република Северна Македонија во Албанија и Министерството за туризам, култура и спорт на Албанија.
Свеченото отворање во Тирана
Свеченото отворање во Тирана беше посветено и на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Во празнична атмосфера, заедно со македонските уметници и бројната публика, беше одбележан овој значаен јубилеј.

Програмата на отворањето, одржано во концертната сала на Православната катедрала во Тирана, беше беше составена од два подеднакво значајни дела. Во првиот дел, ансамблот „Кон Темпора“, под диригентство на маестро Иван Еминовиќ, го претстави високиот уметнички дострел на македонската класична музика преку изведба на дела од македонски композитори.
Во вториот дел настапи фолклорниот ансамбл „Еуроарт“, со повеќе од 40 уметници на сцената. Македонските ора, песни, носии и звуците на тапаните ја кренаа публиката на нозе и создадоа вечер исполнета со енергија, радост и гордост.
Поздравни обраќања имаа амбасадорот Веле Трпевски и директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода. Во своите говори тие ја истакнаа силата на културата како универзален јазик кој ги поврзува и зближува народите, создавајќи простор за пријателство, заемно почитување и нови соработки.
Настапи во Драч и Тирана
Вториот ден од Неделата на македонската култура продолжи во Драч, каде што камерниот оркестар „Ајга“, под диригентство на Иван Еминовиќ, настапи во прекрасниот акустичен простор на црквата „Света Луција“. Пред многубројната публика беа изведени дела од македонските композитори Марко Виденовиќ, Иван Еминовиќ и Драган Шуплевски.
Третиот ден, во историската Вила 31 – Арт Експлора во Тирана, концерт одржаа Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“. Поранешната резиденција на Енвер Хоџа, денес преобразена во современ уметнички простор, беше исполнета до последното место. Виденовиќ рецитираше авторска поезија придружена со музика, создавајќи силно и емотивно доживување кое длабоко ја допре публиката и ги врати уметниците неколкупати на бис.
По концертот, програмата продолжи во дворот на вилата со настапите на DJ Pass-N-G-R и DJ Spiro, во атмосфера исполнета со музика, дружење и позитивна енергија.
Настапи во Корча и завршница
Последниот ден од Неделата на македонската култура се одржа во Корча, во организација на КИЦ Тирана и Елена Симоновски, претседателка на ВМРО-ДПМНЕ – Албанија.
На плоштадот во Старата чаршија во Корча, македонската култура блесна во сета своја разновидност. Програмата започна со изложбата на фотографии „Убавините на Преспа“, проект на Пали Колефски, по што следуваше монодрама посветена на Крсте Петков Мисирков, во изведба на Доне Донев. Јане Атанасов прочита афоризми на македонски јазик, а фолклорното друштво „Преспа“ ги разигра присутните со македонските ора и песни. Вечерта продолжи со музичките настапи на Кристијан Ѓорѓи, Марјан Трајче и Оливер Христовски.
На сите настани присуствуваше и националниот координатор за интеркултурализам, развој на културата и меѓуресорска соработка, г. Абаз Селмани. Неговото присуство ја потврди институционалната поддршка и значењето што се посветува на културата како важен двигател на меѓусебното разбирање, соработката и пријателството меѓу Македонија и Албанија.
Неделата на македонската култура заврши со полни сали, силни емоции и голем интерес од публиката и медиумите. Од класичната музика и поезијата, преку фотографијата и театарот, до фолклорот и современиот музички израз, македонските уметници ја претставија богатата и разновидна македонска култура во нејзиното најдобро светло.
Македонските знамиња на улиците на Тирана, аплаузите во Драч и разиграниот плоштад во Корча остануваат силна слика за една културна недела што изгради нови мостови меѓу двата народа. Овие денови уште еднаш покажаа дека културата не познава граници – таа нè обединува, нè зближува и создава пријателства што траат.
















