Оние кои подолго време ја следат македонската музичка сцена сигурно се сеќаваат на Христијан Тодороски, кој пред години привлече големо внимание со своето учество во музичкото шоу „Македонскиот Идол“. Денес, неговиот живот изгледа сосема поинаку – далеку од македонските клубови и телевизиските емисии, Кико гради успешна приказна во угостителството, а моментално работи во елитен ресторан во Таормина, Сицилија.
Токму таму деновиве имал несекојдневна можност да биде домаќин на некои од најпознатите имиња од светот на фудбалот. На видеото кое го сподели, се гледа дека Кико со голема професионалност и префинети манири ги пречекува гостите, покажувајќи дека во изминатиот период сериозно се усовршил во сферата на угостителството.
Меѓу познатите фудбалски имиња кои престојувале во ресторанот се Тоти, Кандела и Дида, а средбата со вакви спортски легенди за Кико несомнено претставува уште еден интересен момент во неговата интернационална приказна.
Кико на македонската јавност ѝ стана познат како еден од впечатливите учесници во „Македонскиот Идол“. Неговиот настап во шоуто беше проследен со големо внимание, а особено остана запаметена неговата духовита изјава дека омилено место за секс му е – ринглата. Токму оваа изјава му го донесе прекарот „Кико Рингла“, по кој многумина и денес го препознаваат.
По учеството во „Идол“, Тодороски потпиша договор со продукциската куќа „Mak Music“, зад која стоеја Јован Јованов и Кристијан Стефановски. Следуваше период исполнет со настапи низ македонските клубови, музички ангажмани и присуство на домашната естрадна сцена.
Во 2013 година тој беше дел и од реалното шоу „Фарма“, но по овој период постепено почна да се повлекува од медиумите и од јавниот живот. Во последните десетина години ретко можеше да се види во македонските медиуми, а неговиот животен пат во меѓувреме се одвиваше надвор од Македонија.

Паралелно со музиката, во последните години тој сè поактивно почна да се занимава со угостителство. Пред неколку години замина од Македонија, а својата среќа најпрво ја побара во Обединетите Арапски Емирати, каде продолжи да го гради своето професионално искуство.

Денес, пак, неговата нова животна и професионална адреса е Италија. Во прекрасната Таормина на Сицилија, позната по луксузот, туристите и бројните светски гости, Кико работи во елитен ресторан каде секојдневно има можност да се сретне со луѓе од различни сфери.

Во видеото кое го објави на социјалните мрежи, Кико напиша:
„„Огромно задоволство ми беше да бидам домаќин на фудбалските легенди Франческо Тоти, Венсан Кандела и Нелсон де Жесус Силва, познат како Дида, во ресторанот „Белканто“ во Таормина. Незаборавно дружење со вистински икони на фудбалот“.
[Кико на „Македонски Идол“]















