[ВИДЕО] Лукаревска ја обвинува Јаневска за затворање на училишта и плановите за старски домови

Макфакс

11/09/2026

12:50

370

Големина на фонт

а а а

Пратеничката Сања Лукаревска ги критикуваше министрите за образование Весна Јаневска за политиките кои доведоа до намалување на бројот на ученици, затворање училишта и недостиг на образовни асистенти. Таа исто така го посочи ризикот училиштата да бидат пренаменети во старски домови, и побара одговор од Јаневска по ова прашање.

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница ја обвини министерката за образование и наука Весна Јаневска за, како што рече, погубните последици од политиката на оптимизација во образованието.

Лукаревска посочи дека учебната година започнала со над 3.000 првачиња помалку, 26 затворени училишта и 433 паралелки помалку, а околу 250 деца, од кои најголем број првачиња, останале без потребните образовни асистенти.

Таа ја критикуваше и состојбата со наставниците, од кои околу 5.000 се прогласени за вишок, како и проблемите со превозот на средношколците и недостигот од целодневна настава во дел од училиштата.

Лукаревска се осврна и на изјавите на Јаневска дека децата можат да учат англиски од серии без учебници, дека првачињата треба да бараат „братче и сестриче“, како и на ставот дека затворените подрачни училишта би можеле да се пренаменат во старски домови.

Дополнително, пратеничката посочи и на слабите резултати на учениците на ПИСА, оценувајќи дека состојбите во образованието се алармантни, а побара од Јаневска да одговори дали и натаму стои зад нејзината изјава дека затворените подрачни училишта можат да се пренаменат во старски домови.

„Навистина се издвојувате со Вашите изјави. Имавте една интересна изјава уште на самиот почеток кога станавте министер ,,Децата учат англиски од серии, и не им требаат учебници,,. Сега на 1 септември на стартот на учебната година, на најмалите, првачињата им порачавте, освен тоа што треба да бараат знаење, треба да бараат од своите родители ,братче и сестриче. И тука ја кренавте јавноста на нозе, без исклучок. Не внимавајќи на фактот дека не секое семејство е семејство од сликовница и дека не секое дете живее како од бајките и дека не сите родители имаат можност да си дозволат уште едно братче или сестриче“.

Укажа на стартот на 1 септември и со статистиката дека има над 3.000 првачиња помалку, 26 затворени училишта, 433 паралелки помалку.

„Околу 250 деца од кои најголем број првачиња на 1-ви септември се без образовните асистенти што им се потребни. Трета година по ред, Вие како министер дозволувате учебната година да започне без навремено обезбедена образовна поддршка за децата со попреченост. Со Вашата погубна оптимизација, 5000 наставници се вишок, одреден број ќе се трансформираат во образовни асистенти, што ќе биде со другите, прашање на кое упорно не давате одговор. Нити ги знаеме критериумите, не верувам и дека ќе ги дознаеме.
Има наставници со намален број на часови, има и наставници со истечени договори на дело, и истите не се продолжени. Наместо да размислуваат и да очекуваат повисоки плати, тие стравуваат како да го задржат своето работно место“.

Упати прашање до Јаневска: „Дали сеуште стоите зад Вашата изјава дека училиштата кои ги затворивте и допрва ќе ги затворате ќе станат старски домови“?