Кос по немирите во Приштина и Хаг: Пресудата мора да се почитува

Макфакс

16/09/2026

20:10

270

Големина на фонт

а а а

Европската комесарка за проширување Марта Кос реагираше по пресудата на Хашим Тачи во Хаг и повика на почитување на судската одлука, истовремено нагласувајќи важноста на правдата и помирувањето во регионот на Косово и пошироко.

Европската комесарка за проширување Марта Кос реагираше по пресудата со која поранешниот командант на ОВК Хашим Тачи беше осуден во Хаг на 25 години затвор за воени злосторства.

„Специјализираните совети на Косово се непристрасно и независно судско тело. Нивните пресуди мора да се почитуваат, а осудените имаат право на жалба“, напиша Кос на Икс.

Пресудата предизвика протести од поддржувачите на Тачи. Во Хаг имаше кратки судири меѓу демонстрантите и холандската полиција, додека стотици се собраа во Приштина, а подоцна маскирани демонстранти фрлаа камења кон зградата на Еулекс и скршија неколку прозорци, пренесуваат медиумите.

Во својата порака, Кос особено нагласи дека прашањето за одговорност мора да се гледа низ призмата на жртвите и нивните семејства, без оглед на нивната припадност.

„Ова се однесува на индивидуална одговорност и правда за жртвите и нивните семејства од сите заедници во Косово“, рече еврокомесарката.

Таа ги повика актерите во регионот да придонесат за „лекување на раните од минатото“.

„Само преку помирување земјите од регионот можат да ги надминат поделбите и да напредуваат кон заедничка иднина во ЕУ“, рече Кос.