ЛДП бара итно решение: 12 денари за килограм индустриско јаболко е минимумот за опстанокот на производителите

Макфакс

17/09/2026

10:20

224

Големина на фонт

а а а

Либерално-демократската партија (ЛДП) бара итно решение за производителите на индустриско јаболко кои добиваат откупна цена многу пониска од производствената, поради што бараат минимална цена од 12 денари за килограм за да опстанат на пазарот.

Либерално-демократската партија (ЛДП) бара итно решение за производителите на јаболко, кои се соочуваат со исклучително тешка состојба на терен.

Во овој момент на производителите, велат од партијата, им се нуди откупна цена од само 4 денари за килограм индустриско јаболко, плус 2 денари субвенција. Тоа, оценуваат во ЛДП, е далеку под производствената цена, која е околу 10 денари за килограм.

„Во услови на суша, зголемени трошоци за гориво, пестициди и останати репроматеријали, ваквата цена не ја обезбедува ниту минималната економска одржливост на производството.

Затоа ЛДП бара откупната цена на индустриското јаболко да биде најмалку 12 денари за килограм. Ова не е само прашање на моменталниот приход на производителите, туку и прашање дали во иднина ќе има интерес за одгледување јаболка, особено во Ресен и околните населени места“.

Земјоделецот, порачуваат од ЛДП, не може постојано да испорачува под производната цена. Ако државата сака да го задржи земјоделското производство, ќе мора да обезбеди предвидливи и одржливи услови за производителите.

„Во следниот период ЛДП ќе предложи и законско решение за организиран откуп на стратешки земјоделски култури во Македонија, особено на производи кои имаат потенцијал за извоз и создавање девизен прилив, меѓу кои тутунот, грозјето, оризот, пиперката и јаболкото.

ЛДП останува на страната на производителите на јаболко и ги поддржува сите нивни организирани активности за остварување на нивните права, вклучително и преку обезбедување на бесплатна правна помош“.

Крајно време е, нагласуваат, земјоделците да бидат третирани како рамноправни партнери во економијата, а не како последни алки на синџирот.