[ФОТО] Во Боливија идентификуван нов вид мачка: Првпат по повеќе од сто години

Точка

18/09/2026

15:49

543

Големина на фонт

а а а

Научниците во боливиската прашума Јунгас идентификувале досега непознат вид дива мачка. Станува збор за ситна мачка која е дури и помала од просечната домашна мачка, а нејзиното официјален научен опис е прв ваков случај по повеќе од еден век.

Локалното население ова животно го нарекува тилкајо, а припаѓа на групата т.н. тигрести мачки кои населуваат голем дел од Јужна Америка. Живее во планинските шуми на Јунгас, подрачје познато по високата влажност и шумите кои често се прекриени со облаци, пишува „Гардијан“.

Долга е околу 46 сантиметри, а тежи само 1,4 килограми.


Научниците со генетски анализи потврдиле дека не станува збор само за варијанта на некој веќе познат вид, туку за посебен вид. Го добила името „Leopardus tilcayo“, при што е задржан локалниот назив на животното.

„Крзното ѝ е светлокафеаво, со неправилно обликувани розети по телото“, опишала Паола Ногалес-Аскарунз, една од авторките на истражувањето објавено во списанието „Current Biology“.

Сè уште малку се знае за новата мачка

Истражувачите засега немаат многу податоци за начинот на живот на новиот вид. Анализата на изметот покажала остатоци од ситни глодачи, што укажува дека тие би можеле да бидат важен дел од нејзината исхрана. Снимките од поставените камери исто така укажуваат дека животното е поактивно во текот на ноќта.

Проблемот е во тоа што тигрестите мачки тешко се разликуваат само според изгледот. Поради тоа долго време се сметало дека станува збор за еден вид, но генетските истражувања во последните децении покажале дека всушност постојат повеќе меѓусебно различни линии.


„Нашите информации засега се ограничени на две живи единки што ги проучувавме и мал број снимки од камери“, изјавил Јонас Лескроарт од Универзитетот во Антверпен, еден од раководителите на истражувањето.

Една од познатите единки е 10-годишен мажјак кој денес живее во засолништето за диви животни Сенда Верде во Боливија. Претходно го чувало локално семејство во својот дом.

Токму набљудувањето на ова животно ги поттикнало научниците на подетално истражување. Неговите карактеристики не се совпаѓале со претходните описи на тигрестите мачки, кои главно се темелеле на единки од Бразил.

Генетиката открила дури пет различни видови

Истражувачите анализирале ДНК од 38 мачки од неколку јужноамерикански земји, вклучувајќи и осум примероци од музеи. Резултатите покажале дека тигрестите мачки всушност ги сочинуваат пет генетски различни видови.

Анализата покажала и дека еволутивната линија на боливискиот тилкајо се одвоила од останатите тигрести мачки пред приближно 1,4 милиони години.

„Никогаш не очекувавме дека оваа боливиска тигреста мачка ќе биде посебен вид. Никој претходно не предложил дека станува збор за различно животно, подвид или нешто слично“, изјавил Лескроарт.


Научниците истовремено опишале и нов подвид на тигреста мачка во областа Јунгас во Перу. Го нарекле „Leopardus tigrinus antisuyo“, според Антисују, област од некогашното Царство на Инките, во која се наоѓа и нејзиното живеалиште.

Би можеле да бидат позагрозени отколку што се сметало досега

Откритието не е важно само поради фактот што е пронајден нов вид. Тоа би можело да ја промени и проценката за загрозеноста на тигрестите мачки.

Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) моментално ги води како два ранливи видови чии популации се намалуваат. По новото истражување, сите пет генетски линии би требало да се проценуваат одделно.


Тоа би можело да покаже дека некои од нив се значително позагрозени отколку што се сметало досега. Особено чувствително е подрачјето Јунгас, еден од најзагрозените екосистеми во регионот.

Тамошните планински шуми се под сè поголем притисок поради сечата на шумите, ширењето на земјоделството, пожарите и рударството. Научниците предупредуваат дека е потребно да се обноват подрачјата уништени од пожари, да се заштитат преостанатите природни шуми и да се зачува поврзаноста меѓу живеалиштата.

„Низ светот има многу неоткриени видови, а некои од нив би можеле да исчезнат уште пред воопшто да ги откриеме“, предупредил Едуардо Еизирик, еден од авторите на истражувањето.