Француските антитерористички служби уапсија полицаец под сомнение за подготовка на терористички напад и незаконска изработка на оружје, поврзан со крајнодесничарски групи и насилни напади врз институции.
Француските антитерористички истражители уапсија 35-годишен полицаец во предградие на Париз под сомнение дека подготвувал терористички напад и незаконски изработувал оружје за таа цел, соопшти париското Антитерористичко обвинителство.
Полицаецот, чиј идентитет не е објавен, е ставен во притвор. Француските медиуми, меѓу кои и ТФ1, објавија дека тој бил поврзан со крајнодесничарски кругови и дека постои сомнение оти планирал насилни напади врз државни институции, а потенцијално и врз полицајци.
Истражителите се сомневаат дека користел 3Д-печатач за изработка на оружје. При претрес на неговиот автомобил и дом биле пронајдени делови од оружје.
Случајот следува по друг скандал во општинската полиција во Каркасон, каде случајно активирана камера на униформата на полицаец снимила разговори со расистички, сексистички и хомофобични коментари, како и изјави поврзани со теории на заговор. Обвинителството отвори истрага.








