Новиот филм „Resident Evil“ го предводеше северноамериканскиот бокс-офис во првиот викенд од прикажувањето со заработка од 60 милиони долари, што претставува најдобар старт во историјата на оваа франшиза.
Филмот на „Sony“, во режија на Зак Крегер, приходот го оствари на 3.684 локации во САД и Канада. Со тоа ги надмина претходните продолженија од серијалот инспириран од видеоиграта, кој трае од 2002 година, а речиси сите претходни филмови останаа под оваа сума во текот на целокупното домашно прикажување.
Единствениот наслов што му беше блиску е „Resident Evil: Afterlife“ од 2010 година со 60,1 милион долари, без пресметана инфлација. Во новиот филм, Остин Абрамс го толкува ликот на медицински курир чија последна задача се претвора во борба против заразени суштества во Ракун Сити, а остварувањето моментално има оценка од 95 отсто на „Rotten Tomatoes“.
Според податоците на „PostTrak“, публиката главно ја сочинувале мажи, односно 66 отсто, додека 75 отсто од гледачите биле помлади од 35 години. Филмот доби оценка B+ според „CinemaScore“.

„Зак Крегер е големо име во светот на хоророт. Зак Крегер плус голема франшиза значи големи пари“, изјави Пол Дергарабедијан од „Rentrak“.
Филмот, според достапните податоци, чинел 75 милиони долари без маркетиншките трошоци. На меѓународните пазари заработил дополнителни 48,3 милиони долари, па вкупниот глобален старт достигна 108,3 милиони.
На второто место за време на викендот заврши „Practical Magic 2“ со 12,2 милиони долари, додека „Spider-Man: Brand New Day“ беше трет со 6,5 милиони. Следуваат „The Odyssey“ со 4,9 милиони и „Coyote vs. Acme“ со 4,5 милиони долари.










