Ловецот Волтер Мурхед (74) од Солсбери во Мериленд е уапсен и обвинет за убиство од небрежност откако, како што соопшти полицијата, во Делавер пукал во жена која ја помешал со елен.
Државната полиција соопшти дека Мурхед во петокот вечерта ловел елени од заседа на поле во близина на Елендејл, кога забележал нешто за кое верувал дека е животно и испукал куршум, пишува „ABC“.
Прогласена за мртва во болница
Според наводите на полицијата, жртвата шетала низ полето со маж и две деца. Куршумот ја погодил, а полицајците кои пристигнале на местото на настанот ѝ укажале помош.
Подоцна била прогласена за мртва во болница.

Жртвата е идентификувана како 39-годишната Сантос Марија Чилел Сото од Џорџтаун во Делавер, а пукањето се случило околу 19:40 часот во петокот.
Полицијата соопшти дека Мурхед бил приведен откако прелиминарната истрага утврдила дека токму тој го испукал куршумот што ја погодил жената.

Пуштен на слобода со кауција
Покрај обвинението за убиство од небрежност, Мурхед се соочува и со три точки од обвинението за несовесно загрозување од прв степен, како и со обвинение за поседување огнено оружје при извршување кривично дело.
Мурхед бил изведен пред суд и пуштен на слобода откако платил кауција од 43.000 долари.

Тој не одговорил веднаш на барањето на „ABC“ за коментар, а не е познато ниту дали ангажирал адвокат.
Полицијата во Делавер соопшти дека истрагата е во тек и ги повика сите што имаат информации за пукањето да се обратат до одделот за убиства.








