Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека дел од лековите што биле нелегално внесувани во земјава биле наменети за македонскиот пазар, а дел, според првичните информации, за пазарот на терорија на нашите соседи.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека акцијата произлегла од претходно преземени оперативни постапки и докази обезбедени од одземени мобилни телефони.
Дополнително обезбедените докази довеле до преземање на активностите за разоткривање на криминалната група. Тој посочи дека постапката се води во координација со Јавното обвинителство.
МВР вчера соопшти дека во акцијата за сузбивање криминална група индепендентна во криумчарење стоки и коруптивни кривични дела се поднесени кривични пријави против осум лица, а шест лица биле лишени од слобода.
При претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија биле пронајдени и одземени над 100.000 евра, 16 плочки со златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, мобилни телефони и други предмети.
Според МВР, групата дејствувала во периодот од 2024 до 2026 година, а првопријавениот организирал нелегално внесување и складирање цигари и тутун и нивна понатамошна препродажба. Полицијата наведува дека преку давање поткуп на царински службеник било овозможувано пренесување стока преку царинската линија без пријавување и плаќање давачки, како и нелегално внесување лекови и суплементи наменети за продажба.
Осумте лица се пријавени за повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење, прикривање стоки што се предмет на криумчарење, избегнување плаќање акциза, примање и давање поткуп, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување и перење пари








