Почина 13-годишното дете кое на 31 август беше избодено со нож во тепачка во Чаир, објави „Tetova1.mk“.
Инцидентот се случи околу 22 часот на улицата „Македонско-косовска бригада“, каде дошло до физичка пресметка меѓу две групи. Во тепачката учествувале пет лица, од кои четворица малолетници и едно полнолетно лице.
Според информациите што тогаш ги соопшти Министерството за внатрешни работи, во пресметката биле употребени ножеви. По инцидентот полицијата одзела три ножа, гумена палка и други предмети.
Во тепачката биле повредени повеќе лица, а 13-годишникот се здобил со тешки повреди. Тој веднаш бил пренесен во болница, каде лекарите повеќе недели се бореле за неговиот живот.
Детето, сепак, им подлегнало на повредите.








