Андоновски: Ниту еден дата-центар нема да има предност пред снабдувањето на граѓаните со струја и вода

Макфакс

24/09/2026

14:50

162

Големина на фонт

а а а

На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски појасни дека Владата работи на две одделни насоки: создавање услови за приватни инвестиции во центри за податоци и изградба на Национален податочен центар за потребите на државните институции.

„Приватните центри за податоци се можност за нов капитал, работа за домашните компании, специјализирани работни места и развој на ИКТ-индустријата. Националниот податочен центар, пак, е проект за модернизација и подобра заштита на државната дигитална инфраструктура“, истакна Андоновски.

Тој нагласи дека економската корист од ваквите проекти треба да се оценува и преку ангажманот на домашните добавувачи, развојот на инфраструктурата и можностите за македонските компании и инженери.

„Секој потенцијален проект мора да ги помине техничките, водостопанските, еколошките и другите законски постапки“, рече министерот. Тој додаде дека приватните инвеститори ќе мора да ги обезбедат своите енергетски потреби согласно законските процедури, по пазарна цена.

За Националниот податочен центар, Андоновски објасни дека е планиран со инсталирана моќност под еден мегават и ќе служи за информациските системи на државните институции. Целта е системите што можат безбедно да се обединат постепено да се преместат од повеќе од дваесет одделни серверски и податочни локации во заедничка инфраструктура. Центарот треба да биде поврзан и со резервната инфраструктура во Прилеп, за подобар континуитет на критичните системи.

Министерот информираше дека е изработена физибилити студија, утврдена е потенцијална локација во близина на Скопје и се работи на финансискиот модел и потребните постапки. Проектот е дел од Планот за раст на Европската унија; за него се обезбедени 20 милиони евра, од кои 30 проценти се грант од ЕУ. Поставувањето камен-темелник е најавено како цел за 2027 година, зависно од завршувањето на финансирањето и постапките.

Податочните центри треба да донесат нов капитал и нови можности за македонската економија. Но ниту еден инвестициски проект нема да добие предност пред сигурното снабдување на граѓаните со вода и електрична енергија“, порача Андоновски.