[ВИДЕО] Деца предизвикаа пожар со петарди во Капиштец, МВР работи на расчистување на случајот

Точка

25/09/2026

16:42

564

Големина на фонт

а а а

Група млади синоќа во Капиштец, фрлајќи петарди, запалила дрво, објави Фејсбук-страницата „За пристоен Капиштец“, споделувајќи и видео на кое се гледаат малолетници, момчиња и девојчиња.

Администраторите побараа надлежните веднаш да почнат чекори за наоѓање на сторителите.

„Покрај проблемите кои ги имаме со гласната музика, група на малолетници и помлади лица секојдневно пукаат пиротехнички средства. Секојдневно ги пријавуваме во полиција, но досега полицијата не изреагирала на време.


Ноќва, при пукање на петарди овие млади лица успеаа да запалат дрво во паркот “Капиштец” и за малку пожарот не се прошири кон околните згради и трафостаници.

Се надеваме на брза реакција од надлежните за пронаоѓање на личноста која го предизвика пожарот!“, се порачува во постот.

По повод настанот, се огласија и од МВР:

„На 24 септември околу 22:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во парк во скопската населба Капиштец малолетно лице фрлило пиротехничко средство, по што избувнал пожар. Пожарот бил изгаснат од екипи на Бригадата за противпожарна заштита – Скопје. Од СВР Скопје информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.