Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде што ги посочи трите клучни стратешки определби на државата – членството во НАТО, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и полноправното членство во Европската Унија.
Мицкоски, во своето обраќање на 81. Генерално собрание на ОН, порача дека македонските граѓани знаат каде припаѓаат и дека земјата има јасна геополитичка ориентација.
„Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија. Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност“, рече премиерот Мицкоски.
Тој истовремено нагласи дека јасното определување на сојузите на државата не значи и вртење грб кон останатиот дел од светот. Според него, земја која е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да соработува и со држави кои имаат различни интереси, историја и политички ставови.
„Напротив. Токму држава што е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара и да соработува со земји што имаат поинаква историја, поинакви интереси и поинакви политички погледи. На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат. Сојузи што преземаат одговорност. И меѓународни институции што остануваат простор за дијалог токму тогаш кога дијалогот е најтежок“, порача премиерот Мицкоски.
Во завршниот дел од обраќањето пред Обединетите нации, претседателот на Владата се осврна и на прашањата поврзани со идентитетот и историјата. Тој истакна дека големината на територијата не треба да ја одредува амбицијата на една држава, посочувајќи дека целта е земјата да стане сериозна држава на која сојузниците ќе можат да ѝ веруваат.
„Ваши екселенции, ние сме мала земја. Но, одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција. Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат. Држава во која младите можат да ја планираат својата иднина. Држава што ги почитува различноста и мултикултурниот карактер на своето општество. Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите. Држава што ја знае својата историја, но не е заробена во неа. И држава што не очекува другите да ја изградат наместо неа. За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност“, рече Мицкоски.
Во продолжение, Мицкоски се повика и на пораките на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, нагласувајќи го значењето на народите без оглед на големината на државите од кои доаѓаат.
„Оваа година, генералниот секретар Антонио Гутереш нè потсети дека Повелбата започнува со зборовите: „Ние, народите“. И додаде: „Не ние, моќните. Не ние, победниците“. Во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури и кога е разочарана од неа. Затоа што алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни. А сите други зависат од нивната добра волја. Таков свет можеби за миг може да изгледа ефикасен. Но никогаш не е стабилен“, истакна премиерот Мицкоски во обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.
















