Американскиот претседател Доналд Трамп очекува продолжување на преговорите со Иран, додека Техеран е подготвен за договор под услови кои не ги прифаќа Вашингтон. Се најавува нова рунда на разговори со посредство на Катар, но разликите по прашањето на нуклеарната програма и поморската блокада остануваат.
Американскиот претседател Доналд Трамп очекува САД и Иран да продолжат со преговорите во текот на неделава, иако во саботата го отфрли предлогот на Техеран за прекин на конфликтот.
„Очекувам уште преговори со Иран оваа недела. Тие сакаат да постигнат договор, но тоа не е договорот што јас го сакам“, изјави Трамп за „Аксиос“.
Според два регионални извори, нова рунда индиректни разговори би можела да се одржи веќе во понеделник, со посредство на Катар.
Иран предложил повторно отворање на Ормутскиот Теснец и продолжување на нуклеарните преговори во рок од една недела, доколку САД ја прекинат поморската блокада, ги укинат санкциите за продажба на иранска нафта и повторно воспостават прекин на огнот во регионот. Трамп го отфрли предлогот.
Вашингтон бара отстапки од Техеран во врска со нуклеарната програма, додека Иран инсистира разговорите да се фокусираат на Ормутскиот Теснец и американската поморска блокада.
Трамп, во меѓувреме, рече дека ја разгледува и можноста за повторно започнување на нападите врз Иран.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека Техеран и натаму сака дипломаcко решение. „Подготвени сме за преговори“, рече Аракчи, додавајќи дека Иран преку посредници очекува официјален одговор од САД.







