Одбиена жалбата на иранска пејачка, ѝ се закануваат 74 удари со камшик поради пеење без хиџаб

Макфакс

28/09/2026

21:12

220

Големина на фонт

а а а

Апелациониот суд во Иран ја потврди казната од 74 удари со камшик за иранската пејачка Парасту Ахмади поради настап без хиџаб, што предизвика големо внимание поради строгите закони за женскиот изглед и јавни настапи во земјата.

Апелациониот суд во Иран ја потврди казната од 74 удари со камшик изречена на познатата пејачка Парасту Ахмади, која настапила без задолжителниот хиџаб, соопштија нејзините адвокати.

Во декември 2024 година, Ахмади одржала концерт облечена во фустан без ракави и го пренесувала настапот во живо на својот канал на YouTube. Иранските закони им забрануваат на жените да настапуваат во јавност и бараат од нив да носат шамија за покривање на главата и облека што го покрива телото.

Иранските правосудни органи покренаа постапка против 29-годишната пејачка откако снимката од нејзиниот настап стана вирална и собра милиони прегледи. Властите тогаш изјавија дека настапот „ги прекршил законските и културните прописи на земјата“.

Во јуни, кривичниот суд во Ком ги прогласи Ахмади и осум члена на нејзиниот бенд и продукциски тим за виновни по обвиненија кои вклучуваат „навреда на јавниот морал“ преку објавување „непристојна и скандалозна содржина“. Покрај 74-те удари со камшик, ним им беше изречена забрана за вршење аудиовизуелни активности и за напуштање на земјата во траење од две години.

Во петокот, повисокиот суд ја отфрли жалбата на обвинетите без да одржи рочиште, според наводите на нивните адвокати.

„Според нас, одржувањето на концертот воопшто не претставуваше кривично дело. Првостепениот суд изрече една од најстрогите казни за овие обвиненија, иако постоеја опции за парични казни и поблаги санкции“, изјави еден од адвокатите за Би-би-си.