Гоце Седлоски го исполни ветувањето и направи голем број промени во стартниот тим на Македонија, но осумте нови фудбалери во почетниот состав не донесоа промена во вид на посакуван резултат.
Иако Македонија ја поправи сликата која ја остави во саботата, тоа не беше доволно за да се освои бод – или три во Љубљана, па така „рисовите“ со нов пораз се враќаат во Скопје во пресрет на третиот натпревар од Б дивизијата во Лигата на нации.
Седлоски како селектор ќе атакува на прва победа против Шкотска на седмиот натпревар кој ќе го води како лидер на националниот тим, за кој тој има јасни замисли без оглед на тешкиот период кој трае веќе некое време.
По поразот од 2:0 на „Стожице“, Седлоски нагласи дека нема да отстсапи од идејата да го подмлади националниот тим, а тоа значи дека ќе им дава шанса на млади фудбалери кои треба да бидат своевиден дел од смената на генерации.
– Прво и основно, сакам да и честитам на Словенија за победата. Што се однесува до натпреварот кој го одигравме, сметам дека моите играчи дадоа се што имаат. Тоа е прво, а второ, не планирам да отстапам од процесот на подмладување кој го започнавме.
– Нема да застанам тука, момците кои денеска првпат добија шанса го оставија срцето на терен, исто како и сите останати на теренот. Пораз како пораз многу боли, не постигнавме гол, но создадовме многу шанси. Знам дека е тешко, но ќе продолжиме со процесот на подмладување и нема да застанеме тука. Знам дека е тешко, но ќе продолжам во таа насока, – изјави Седлоски од прес-центарот во Љубљана.







