Што јадат луѓето во Костарика, па живеат толку долго? Станува збор за намирници што ги јадеме и ние, а во продолжение откријте го рецептот за појадок што експерт за долговечност го нарекува „најздрав во светот“.
Што јадат луѓето во Костарика, па живеат толку долго, е прашање што ги интересира многумина кои сакаат да живеат подолго и да останат здрави. Костарика е едно од местата на мапата што се поврзуваат со таканаречените „сини зони“, подрачја во кои луѓето живеат најдолго. Научниците се фасцинирани од овој регион, како и од италијанската Сардинија и јапонската Окинава. Кои навики во исхраната ги издвојуваат жителите на Костарика? Кои намирници најчесто ги јадат?

Вака изгледа гозба во духот на „сините зони“
Исхраната и начинот на живот „pura vida“ („чист живот“ или „вистински живот“) се тајната на долговечноста на Костариканците, смета Мелиса Гузман, авторка на книги за готвење родена во оваа земја. Според неа, не е важна само храната, туку и искуството на подготвување оброци и дружење на трпезата.
Ручеците и вечерите обично траат најмалку еден час. Тоа е време за разговор за сè што се случило во текот на денот.
„Тоа е своевиден свесен, заеднички пристап кон исхраната. Не станува збор само за оброците што ги јадеме, туку и за врските што се создаваат околу нив“, објаснува Гузман во статија што ја напишала за порталот „Make It“.

Што јадат Костариканците за да живеат подолго и посреќно?
Костариканската кујна најдобро ја опишуваат едноставноста и свежината. Исхраната во голема мера се заснова на основни намирници, како свеж зеленчук, овошје, житарки и грав.
Грав
Гравот е одличен извор на протеини, растителни влакна, сложени јаглехидрати, пребиотици, витамини и минерали. Неговото консумирање се поврзува со намален ризик од хронични заболувања, како срцеви болести и дијабетес.
Во Костарика најпопуларни се црниот и црвениот грав. Обично се додаваат во касадо, традиционално јадење составено од ориз, грав, зеленчук и некој извор на протеини, или се користат како состојка во супа од зеленчук.
Популарни се и наутот и леќата, кои можат да го заменат традиционалниот црн грав.

Свежо овошје и зеленчук
Овошјето и зеленчукот во Костарика главно се јадат свежи, а не конзервирани или замрзнати. Се купуваат на локалните продажни места. Меѓу најпопуларните овошја се папајата, мангото, бананата, лубеницата, ананасот и маракујата. Се јадат самостојно или од нив се подготвуваат пијалаци и сокови.
Во костариканската кујна се користи разновиден зеленчук, вклучувајќи компир, морков, домат, авокадо, кромид, цвекло, маниока и тиквички. Се јаде суров, се додава во салати зачинети со лимета или се подготвува како пикадиљо – ситно исечкан и зготвен, понекогаш со додаток на некој извор на протеини.

Ориз и пченка
Житарките како оризот и пченката исто така се застапени во исхраната на Костариканците, но главно како додаток на гравот и зеленчукот.
Популарно е „arroz con pollo“, традиционално костариканско јадење составено од ориз, многу исечкан зеленчук и различни парчиња пилешко месо. Се подготвува за прослави, како родендени, но и за секојдневни оброци.
Кафе
Костариканското кафе е познато по високата содржина на антиоксиданси, кои можат да помогнат во намалувањето на воспалението. Кафето е најдобро да се пие црно или со додаток на млеко. Во него треба да се ужива, без брзање.
Костарикански рецепт за долговечност
Истражувачот на долговечноста Ден Битнер го издвои „gallo pinto“, кое се подготвува за појадок, како најздравиот оброк што го подготвуваат Костариканците.
За подготовка се потребни следниве состојки:
• 2/3 шолја варен црн грав;
• 1 и 1/4 шолја варен ориз;
• 2 лажици исечкан кромид;
• 2 лажици исечкана пиперка;
• 2 лажици мелен коријандер;
• 1/2 лажичка сос „Lizano“, по желба;
• 1/2 лажичка сол;
• 1/2 лажичка ким;
• 1/4 лажичка црн пипер.
Подготовка:
1. Загрејте тава на средна температура.
2. Додајте маслиново масло.
3. Додајте ги кромидот, пиперката, коријандерот, лукот, кимот, солта и црниот пипер.
4. Динстајте три до пет минути, додека кромидот не стане стаклест.
5. Додајте го гравот.
6. Промешајте ги состојките.
7. Намалете ја температурата на умерена.
8. Додајте го сосот „Lizano“, промешајте и гответе уште пет минути.
9. Додајте го оризот, промешајте и гответе уште неколку минути за оризот да ги впие сите вкусови.













