Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикува договорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин за испорака на руски дизел, предупредувајќи дека укинувањето на дел од санкциите ја продолжува војната и не води кон мир.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го критикуваше договорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за испорака на руски дизел на американскиот и светскиот пазар, предупредувајќи дека ублажувањето на санкциите ѝ овозможува на Русија да ја продолжи војната против Украина.
„Мирот никогаш не се постигнува со слабост“, порача Зеленски на социјалните мрежи.
„Секое ублажување на санкциите против Русија без јасен и траен договор за деескалација е очигледна слабост. Тоа ѝ оди во прилог на Русија, ѝ овозможува да убива повеќе, подолго да ја води војната и да нанесува уште поголеми загуби и штети во светот“, напиша украинскиот претседател.
Тој предупреди дека Путин се обидува да ги искористи преговорите со Вашингтон за да го намали економскиот притисок врз Москва и да обезбеди дополнителни приходи за продолжување на војната.
„Подароците за Путин нема да донесат мир, ниту каква било корист за цивилизираниот свет. Дозволувањето Русија да продава нафтени деривати е инвестиција во војна што треба да заврши, а не да се продолжува“, порача Зеленски.
Украинскиот претседател истовремено повтори дека Киев е подготвен за меѓусебен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.
„Украина нема да ги напаѓа руски рафинерии доколку Русија престане да ја уништува нашата енергетска инфраструктура“, истакна тој, додавајќи дека предлогот веќе ѝ бил претставен на американската страна.
Трамп претходно соопшти дека по телефонскиот разговор со Путин бил постигнат договор Русија веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони дизел, дополнителни 500.000 тони во ноември, а потоа уште еден милион тони. Најавена е и испорака на дополнителни три милиони тони.
Американското Министерство за финансии потоа издаде привремено одобрение со кое се ублажуваат санкциите за одредени испораки на руски дизел. Според Асошиејтед прес (АП), одобрението се однесува на дизел натоварен на танкери до 9 октомври, а важи до април 2027 година. Трамп го претстави договорот како мерка за намалување на високите цени на горивата во САД, особено за земјоделците и превозниците, во пресрет на конгресните избори на 3 ноември.












