Гордана Сиљановска-Давкова по повод 11 Октомври ги истакна жртвите на народното востание како вечен завет за изградба на демократско, правно и просперитетно општество во Македонија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, порача дека жртвата на востаниците и партизаните е траен завет за зачувување и развој на татковината, но и обврска за градење демократско, правно и просперитетно општество.
Во пораката таа потсети дека на 11 октомври 1941 година македонските востаници ја започнале борбата против фашистичките окупатори, водени од стремежот за слободна македонска држава.
„11 Октомври не е само важен историски датум. Тој е незаборавна и небришлива меморија и вечен завет за чување и развој на татковината“, порача Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека почитта кон жртвата на претходните генерации треба да се покажува и преку градење држава и општество достојни на нивното дело. Според неа, денешните предизвици бараат сплотеност, зрелост и мудрост, надминување на поделбите и посветеност на заедничкото добро.
„Време е да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом, во кој различностите не се повод за делби, туку причина за учење едни од други, за разбирање едни други, за градење свест за заедничко добро“, истакна претседателката.
Сиљановска-Давкова посочи дека е неопходно да се гради правна и демократска држава во која законите ќе важат за сите, институциите ќе им служат на граѓаните, а човековото достоинство ќе биде неприкосновена вредност.
„На востаниците и на партизаните им должиме заслужена почит што се избориле и ни оставиле држава! Ние, пак, имаме политичка, економска и граѓанска обврска да градиме демократска, правна и просперитетна европска држава“, порача претседателката, честитајќи им го празникот на граѓаните.












