Левица од Прилеп положи цвеќе на Могилата на непобедените: „Смрт на фашизмот – слобода на народот“

Макфакс

11/10/2026

11:50

265

Големина на фонт

а а а

Делегација на Левица од Прилеп положи цвеќе на Могилата на непобедените по повод Денот на народното востание, оддавајќи почит на борците. Тие истакнуваат важноста на антифашистичката борба и упатуваат повик за револуционерна решителност во денешната Македонија.

Делегација на Левица, во состав пратеникот и член на Президиумот Сашко Јанчев и прилепските советници Жарко Стевановски и Катерина Пузеска, положи свежо цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп по повод 11 Октомври – Денот на народното востание. Со тоа им оддадоа почит на борците од Народноослободителната борба.

Од Левица потсетуваат дека на 11 октомври 1941 година македонските комунисти го кренале востанието против бугарскиот фашистички окупатор, предводејќи ја борбата за национално ослободување и самоопределување на македонскиот народ.

„Токму комунистите ја организираа антифашистичката борба и го трасираа патот кон слободна македонска држава, ослободена од окупација, фашизам и туѓо господарење“, наведуваат од партијата.

Во пораката по повод празникот, од Левица оценуваат дека Македонија денес повторно се соочува со национално потчинување и политичка зависност и повикуваат на, како што велат, револуционерна решителност и бескомпромисност.

„Само доследна левичарска, антифашистичка и антиимперијалистичка политика може да ја врати државата на патот на суверенитетот, достоинството и идеалите на НОБ и АСНОМ“, порачуваат од Левица, завршувајќи со слоганот: „Смрт на фашизмот – слобода на народот“.