[ВИДЕО] Нова катастрофа во Непал: Поплава однесе куќи и мостови

A1ON.MK

11/10/2026

17:30

447

Големина на фонт

а а а

Разорна поплава на реката Будхи Гандаки утрово однесе меѓу 35 и 40 куќи, повеќе мостови и дел од градилиштето на хидроцентрала во областа Горка, околу 100 километри западно од Катманду, Непал.

Според непалската полиција, поплавата ја предизвикало свлечиште што ја блокирало реката меѓу селата Локпа и Чумлинг, во општината Чумнубри. Откако водата ја пробила природната брана, надојдената река носела кал, камења и дрвја низводно.

Според началникот на општината Чумнубри, Нарајан Прасад Сапкота, кого го цитира весникот „Катманду пост“, водата однела меѓу 35 и 40 куќи во населените места Џагат Багар, Салери и Гатихола. Жителите во темнината бегале кон повисоките места, а некои од нив снимале како надојдената река ги носи куќите.

Поплавата урна два висечки пешачки моста, челичен мост во местото Соти и мостот кај Аругат, кој ги поврзува областите Горка и Дадинг. Шефот на непалската Агенција за намалување на ризиците од катастрофи, Дарам Раџ Упрети, потврди дека водата го однела и главниот мост меѓу двете области.

Уништени се и кампот и дел од опремата на градилиштето на хидроцентралата Будхи Гандаки, со планирана моќност од 341 мегават.

Според последните информации на локалните медиуми, пет лица се водат како исчезнати, а шест лица што ги зафатила поплавата беа спасени со хеликоптер.

Властите наредија евакуација на жителите покрај реката и ги предупредија населението во областите Горка, Танахун, Читван и источен и западен Навалпараси да се засолнат на побезбедни места, бидејќи нивото на водата и натаму осцилира.