Како најсреќната земја во светот западна во должничко ропство? „Нè очекува драматична зима“

Точка

13/10/2026

21:16

562

Големина на фонт

а а а

Финците во принцип би можеле да бидат задоволни доколку го немаше долгот на државата, кој им ја стега „јамката околу вратот“. Руската војна во Украина дополнително го зголеми фискалниот товар. Може ли нордиската држава да издржи уште еден шок?

Во Финска, земјата која девет години по ред важеше за најсреќна во светот владее загриженост. Според најавите, Финците ги очекува многу студена зима, но и најстрогиот буџет во последните години, насочен кон штедење.

Во пресрет на изборите во април, дебатата веќе не се води околу тоа колку ќе се кратат трошоците, туку кои услуги, социјални надоместоци и пензии ќе претрпат најголеми намалувања.


Показателите за задолженоста и буџетскиот дефицит на Финска се најлоши од 1990-тите години. Тогаш, банкарскиот колапс и распадот на Советскиот Сојуз, важен извозен партнер, ја втурнаа нордиската земја во тешка економска криза, пишува „Дојче веле“.

Стапката на задолженост на Финска бележи силен раст

Минатиот месец, Финскиот завод за статистика потврди дека јавниот долг во вториот квартал достигнал 90,3 отсто од бруто-домашниот производ (БДП). Пред пандемијата, овој показател изнесувал само околу 65 отсто.

И во овој случај, причината доаѓа од исток. Финска ги зголеми трошоците за одбрана откако стана членка на НАТО. Финците го направија овој чекор една година по руската инвазија врз Украина.

Освен тоа, Хелсинки, кој претходно добивал околу една третина од енергијата од Москва, се соочи со значително повисоки трошоци откако премина на други снабдувачи.


Но, финската влада троши повеќе отколку што остварува приходи уште од светската финансиска криза во 2008 и 2009 година, меѓу другото и поради стареењето на населението и забавениот економски раст. Минатиот месец, државната финансиска управа прогнозираше дека буџетскиот дефицит во 2026 година ќе изнесува 4,2 отсто од БДП.

Критики од ЕУ поради дефицитот

Брисел врши притисок врз Хелсинки да го намали новото задолжување, бидејќи правилата на Европската Унија бараат земјите членки да ја почитуваат границата на буџетскиот дефицит од три отсто од БДП. Затоа, Европскиот совет во јануари започна постапка и ѝ постави рок на Финска до крајот на 2028 година да ја постигне предвидената цел.

Владата на премиерот Петери Орпо, која стапи на должност во јуни 2023 година, си постави цел да заштеди околу девет милијарди евра во тековниот изборен мандат. Сепак, економистите предупредуваат дека кој и да победи на следните избори, ќе мора да спроведе значително подлабоки кратења.


„Во моментов, проценетите износи се движат меѓу осум и единаесет милијарди евра“, изјавил за „Дојче веле“ (ДВ), Јарко Кивисте, советник во одделот за монетарна политика и истражување на Централната банка на Финска.

Уште на почетокот на годината, сите политички партии, со еден исклучок, се согласија да поддржат фискално правило со кое идната влада ќе се обврзе до 2031 година да го ограничи буџетскиот дефицит на земјата на 2 до 2,5 отсто од бруто-домашниот производ.

Премиерот го отфрла зголемувањето на даноците

Конзервативната Национална коалиција на Орпо (Кокомуст) засега е единствената партија која ветува дополнителни заштеди од девет милијарди евра доколку освои втор мандат. Покрај натамошните кратења во здравството, негата и социјалната заштита, Орпо планира и мерки во областа на професионалното пензиско осигурување, но без намалување на пензиите што веќе се исплаќаат.

Додека социјалдемократите сакаат товарот на реформите да се распредели меѓу намалувањето на расходите и зголемувањето на даноците, Орпо настојува да ја оствари својата цел без зголемување на даночните стапки. Тоа би значело дека најголемиот товар би паднал врз јавните услуги.

Сепак, Кивисте предупредил: „Дефицитот е толку голем што би бил потребен пакет мерки кој ќе вклучува и зголемување на даноците и намалување на расходите“.


Иако стапката на ризик од сиромаштија во Финска е под просекот на Европската Унија, стапката на невработеност е повисока отколку во која било друга земја членка. Во август, стапката на невработеност во Финска изнесувала 10,3 отсто, според Евростат, статистичката служба на ЕУ, што е малку повеќе од 10 отсто во Шпанија. Невработеноста кај младите достигнала 23,3 отсто во споредба со просекот на ЕУ од 15,4 отсто.

Со оглед на тоа што потрошувачката на домаќинствата веќе опаѓа, Лаури Олапа, директор на Финскиот центар за нови економски анализи, предупредил дека новиот круг мерки за штедење би бил тежок удар за домашната економија.

„Повеќе од една четвртина од населението е вработено во јавниот сектор. Доколку на овие работници им се заканува отказ, стапката на штедење ќе се зголеми, а приватната потрошувачка повторно ќе опадне“, изјавил Олапа за „ДВ“.

Низа оптоварувања, од Ковид-19 пандемијата, преку повисоките каматни стапки, до последиците од двете војни, ги отежнаа напорите за намалување на сè поголемиот јаз меѓу приходите и задолжувањето. Нацрт-буџетот за 2027 година и понатаму предвидува финансиски јаз од 12,4 милијарди евра.

Финска се вооружува

Уште пред војната во Украина, Финска се обврза да купи 64 борбени авиони Ф-35А од САД, во вредност од околу 8,4 милијарди евра. За време на руската војна во Украина, која трае повеќе од четири години, оваа нордиска земја ги зголеми годишните воени расходи од 4,5 на повеќе од осум милијарди долари. Ова го покажуваат податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).

Во април, владата најави дека дополнително ќе ги зголеми трошоците за одбрана на 3,2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), со што ќе се приближи до целта на НАТО од 3,5 отсто.

Со оглед на тоа што цените на нафтата, поради конфликтот во Иран, остануваат на речиси 100 американски долари за барел, владата досега се спротивставува на притисокот за зголемување на субвенциите за гориво. Ова се случува и покрај тоа што Централната банка на Финска забележала раст од 50 отсто на трошоците за увоз на енергија во првите месеци од конфликтот во Иран.


Иако преминот кон обновливи извори на енергија и пуштањето во работа на нуклеарниот реактор Олкилуото 3 во 2023 година ја ублажија акутната енергетска криза, централната банка во текот на летото предупреди дека трајно високите цени на нафтата и гасот следната година би резултирале со „послаб економски раст и повисока инфлација“.

Единствената светла точка засега е успешниот фински извозен сектор, кој има корист од големиот прилив на нарачки во металуршката и бродоградбената индустрија.

Олапа ја споредил оваа динамика со „процутот на Нокиа“, кога некогашниот лидер на пазарот на мобилни телефони значително придонесувал за економскиот раст на Финска.

„Постои можност извозниот сектор да нè извлече од оваа рецесија“, истакнал тој – под услов побарувачката од остатокот на Европа да остане силна.

Финансиските пазари покажуваат трпение

И покрај бројните пречки во намалувањето на буџетскиот дефицит, реакцијата на финансиските пазари на проблемите на Финска со долгот досега била воздржана. Агенциите за кредитен рејтинг ги задржале изгледите за земјата стабилни, со исклучок на агенцијата Си-ен-Пи (S&P), која во април ги оцени изгледите како „негативни“, но без да го намали самиот кредитен рејтинг.

На 6 октомври, каматната премија што финската влада мора да ја плаќа во однос на Германија за десетгодишните државни обврзници изнесувала 38 базични поени. За споредба, кај Франција таа вредност изнесувала 128, а кај Италија 107 базични поени.


Со други зборови, инвеститорите и понатаму го сметаат државниот долг на Финска за една од најбезбедните инвестиции во Европа.

Меѓутоа тоа важи само додека не пристигне следниот удар, било во форма на подолготраен раст на цените на нафтата, нова ескалација од страна на Русија или должничка криза во еврозоната со жариште во Франција.

Следниот март, Финска би можела десетти пат по ред да биде прогласена за најсреќна земја во светот. Но, тешко е да се предвиди колку долго ќе трае насмевката кога само еден месец подоцна ќе пристигне сметката за децениите задолжување.