Фотографија од Азербејџан го обиколи светот. На неа се гледа девојче со хиџаб кое седи и плаче пред стаклената врата на едно училиште, по забраната за носење хиџаб во училиштата.
Според објавите во кои се споделува фотографијата, станува збор за ученичка на која не ѝ било дозволено да влезе во училиштето поради хиџабот.
Слични снимки кружат откако Владата на Азербејџан на 21 септември ја усвои одлуката број 309, со која се забранува носење дополнителни делови од облеката што ја нарушуваат униформноста на училишната униформа и не се во согласност со принципот на секуларно образование.
Хиџабот не се споменува изречно во одлуката, но по нејзиното усвојување, некои училишта почнале да го толкуваат како облека што не е во согласност со правилата.

На социјалните мрежи беа објавени и снимки од девојчиња кои седат на скалите пред училиштата, како и од деца кои плачат зад прозорците. Во некои училишта, како што наведува грузискиот портал „JAMnews“, учениците протестираат и бараат на нивните другарки со хиџаб да им биде дозволено да се вратат на наставата.
Незадоволството се прелеа и на улиците на Баку. Министерството за внатрешни работи на Азербејџан соопшти дека поради судирите во училиштата и попречувањето на сообраќајот биле уапсени 37 лица, против кои е поведена кривична постапка за нарушување на јавниот ред.











