Скопје речиси една деценија е без Луна парк, а ветувањето за изградба на нов забавен парк со години се повторува во предизборните програми на градските власти. И актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најавуваше реализација на овој проект, но наместо конкретни резултати, скопјани сè уште чекаат одговор кога конечно ќе добијат нов Луна парк, реагираат од Левица.
„Иако во мај годинава Град Скопје склучил договор со фирмата „МАСТЕФ“ за изградба на нов Луна парк, набавка и монтажа на нови реквизити, според информациите објавени во Бирото за јавни набавки, договорот бил раскинат во август. До овој момент, нема официјално образложение од Градот за причините поради кои дошло до раскинување на договорот“.

Поради отсуството на јасни информации, советничката група на Левица во Град Скопје, информираат од партијата, денеска поднесе писмено советничко прашање до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со кое бара одговори на прашањата: „До каде е постапката за изградба на новиот Луна парк?
Дали е точно дека договорот со фирмата „МАСТЕФ“ е раскинат и кои се причините за неговото раскинување?
Дали Град Скопје ќе има обврска да плати казнени пенали или други надоместоци поради раскинувањето на договорот?
Кога се очекува завршување на постапката и кога конечно ќе започне реализацијата на проектот?“
Скопјани, нагласуваат од Левица, не заслужуваат уште едно предизборно ветување што ќе остане нереализирано. Очекуваат како што велат, градоначалникот да одговори во законски предвидениот рок од десет дена. „Граѓаните имаат право да знаат што се случува со проектите што им се ветуваат, како се управува со јавните средства и дали постојат дополнителни финансиски последици од раскинувањето на договорот“.








