Вирусот Западен Нил се рашири во ЕУ, 130 починати и рекорден број заразени

Макфакс

15/10/2026

18:02

234

Големина на фонт

а а а

Европската Унија се соочува со најинтензивната сезона на вирусот Западен Нил, со рекорден број заразени и ширење на инфекцијата особено во Италија, Грција и Франција, додека здравствените власти ја советуваат заштитата од убоди од комарци и мерки за превенција.

Европа ја бележи најинтензивната сезона на вирусот Западен Нил досега, со рекорден број заразени и ширење на инфекцијата кон северните делови на континентот, предупреди денеска Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), пренесува „Еуроњуз“.

Според податоците заклучно со 7 октомври, во земјите на Европската Унија се регистрирани 1.715 локално стекнати случаи на зараза и 130 смртни случаи.
Најпогодена е Италија со 748 заразени, по што следуваат Грција со 445 и Франција со 144 случаи. Вирусот се шири и кон северот на Европа, при што Холандија пријавила 59 случаи, а Белгија 15, што се првите локални инфекции кај луѓе регистрирани во таа земја.

И покрај рекордниот број заразени, од ECDC посочуваат дека нема показатели оти болеста годинава станала потешка. Уделот на починати, хоспитализирани и пациенти со невролошки симптоми е под нивото забележано во изминатата деценија.

„Раното откривање, поголемата свесност и ефикасната контрола на комарците можат да помогнат да се намали влијанието на вирусот додека се шири на нови подрачја“, изјави Оле Хојер од ECDC.

Вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец. Засега не постои вакцина за луѓе, а лекувањето е насочено кон ублажување на симптомите.

Здравствените власти препорачуваат користење средства против комарци, носење заштитна облека и поставување мрежи на прозорците, особено за повозрасните лица и луѓето со ослабен имунитет.