Загреб би можел да го зголеми данокот на недвижен имот за 60 проценти, од сегашните пет на осум евра по квадратен метар годишно, што е највисоката стапка дозволена со закон. Предлогот ќе биде на дневен ред на Градското собрание денеска, 16 октомври, објави хрватски весник.
Доколку се прифати, сопственикот на оданочлив имот од 60 квадратни метри наместо претходните 300 би плаќал 480 евра годишно, односно 180 евра повеќе. За 80 квадратни метри, годишниот данок би се зголемил од 400 на 640 евра, а за 100 квадратни метри од 500 на 800 евра, пишува „Пословни“.
Зголемувањето, сепак, не важи за сите сопственици на имоти.

Данокот на недвижен имот не се плаќа за стан или куќа што се користи за постојан престој, како и за недвижен имот што се издава под наем за долгорочен престој.
Законот предвидува дека недвижниот имот се смета за долгорочен закуп ако е издаден под наем најмалку десет месеци во одреден даночен период врз основа на договор за закуп.
Зголемената стапка во Загреб првенствено би се однесувала на празни имоти и станови и куќи што се користат за краткотраен закуп.
Градоначалникот Томислав Томашевиќ претходно објасни дека со зголемувањето на даноците, Градот сака да охрабри дел од неискористените станови кон пазарот на долгорочно изнајмување.
Заменик-градоначалникот на Загреб, Лука Корлает, за „ХРТ“ изјави дека, според податоците за потрошувачката на електрична енергија на кои се повикува градот, околу 55.000 станови во Загреб се сметаат за празни.
Загреб има вкупно околу 350.000 станови, што би значело приближно секој шести стан е празен.

Во исто време, градот ја проценува таканаречената станбена празнина на околу 38.000 станбени единици и очекува дека поголемото даночно оптоварување би можело да ги охрабри барем некои сопственици да нудат недвижности за долгорочен изнајмување.
Лана Михаљинац Кнежевиќ, претседателка на професионалната група брокери за недвижности во ХГК, сепак предупредува дека податоците за празните станови не покажуваат колку од овие недвижности се подготвени за живеење и изнајмување.