Нема поскапување на цената на струјата до крајот на годината, уверува Мицкоски

Макфакс

16/10/2026

18:50

147

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Владата ќе продолжи да се залага цената на електричната енергија за домаќинствата да остане непроменета и во претстојниот регулаторен период.

Тој рече дека одржувањето на енергетската стабилност и заштитата на стандардот на граѓаните се одвиваат во услови на најголема светска енергетска криза, кога цените на берзите во регионот и Европа рушат рекорди.

Запрашан дали АД ЕСМ ќе понуди пониска или повисока цена од досегашните 65 евра за мегават-час, Мицкоски посочи дека во сегашните берзански услови, таа цена е дури трипати пониска од онаа што ја плаќаат граѓаните во соседството и во Европа.

„Секаде во регионот и во Европа цените на енергенсите пробиваат рекорди. Има држави во Европа каде цената на дизелот е над три евра, додека кај нас е под 1,6 евра благодарение на мерките на Владата. Во таа насока планираме да продолжиме и за електричната енергија. Се бориме и наш приоритет е цената да остане иста и да нема зголемување“, нагласи Мицкоски.

Според него, конечната цена не зависи исклучиво од ЕСМ, туку од барањата на повеќе субјекти во системот, вклучително и операторот и приватниот дистрибутер ЕВН.

„Цената останува иста до крајот на годината, односно и во ноември и во декември. А, за тоа што ќе се случува од 1 јануари, да почекаме да видиме што ќе кажат енергетските компании. Јас не могу да ја прејудицирам одлуката на Регулаторната комисија“, истакна Мицкоски.