Марк Закерберг ќе ја напушти Калифорнија ако се воведе данок за милијардерите

Точка

22/10/2026

19:31

452

Големина на фонт

а а а

Компанијата „Meta“ денеска соопшти дека нејзиниот извршен директор Марк Закерберг би можел да ја напушти Калифорнија ако таа сојузна држава воведе данок за милијардерите, пишува магазинот „Politico“.

Од компанијата наведоа дека Закерберг го известил нивниот посебен одбор за таа можност, по што било одлучено да му се понуди финансиски поттик за да продолжи да ја води компанијата од Калифорнија во следните осум години – и покрај ризикот од „значителна даночна обврска што би можела да изнесува повеќе милијарди долари“.


Според планот на „Meta“, изнесен во официјален документ поднесен до регулаторните тела, компанијата би создала нова класа акции што би му овозможила на извршниот директор да продаде до половина од својот економски удел во „Meta“, а притоа да ја задржи контролата преку правото на глас.


„Закерберг го извести Посебниот одбор дека размислува да го пресели своето главно живеалиште надвор од Калифорнија и дека секој чекор во таа насока – вклучително и ставањето на неговите станбени недвижности во Калифорнија на продажба – би бил јавен. Тоа неизбежно би го привлекло вниманието на вработените во компанијата и би поттикнало нивни коментари, што, пак, би можело да отвори прашања за раководството на компанијата во иднина“, се наведува во документот доставен до Комисијата за хартии од вредност и берзи („SEC“).


Предлог-законот за данок на богатство ќе се најде пред гласачите во Калифорнија на ноемвриските избори, а предвидува еднократна давачка од 5 отсто на имотот на милијардерите.


Неколку истакнати личности од технолошкиот сектор – меѓу кои коосновачот на „Google“, Сергеј Брин, инвеститорот Рон Конвеј, извршниот директор на „DoorDash“, Тони Сју, и криптомилијардерот Крис Ларсен – издвоија милиони долари за да го спречат усвојувањето на оваа мерка.