Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека несогласувањата со американскиот претседател Доналд Трамп не се од лична природа, но предупреди дека укинувањето на санкциите против Русија ќе го зајакне рускиот претседател Владимир Путин и ќе го отежни постигнувањето мир во Украина.
„Мојот став кон Путин е многу јасен. Мислам дека ако ги укинеме санкциите, ќе го направиме посилен. Тоа не е нешто лично меѓу мене и претседателот Трамп и секако сум против какво било укинување на санкциите“, рече Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен во Киев.
Тој оцени дека Путин нема намера да ја заврши војната и ги повика меѓународните партнери да не ѝ дозволат на Русија да ја зајакне својата воена и политичка позиција.
„Путин си игра. Тој е играч. Срамно е што си игра со животите на другите луѓе и секако не сака да ја запре војната. Затоа, она што го сакаме од нашите партнери е да не му дадат можност да биде посилен и да нè скрши“, рече Зеленски.
Интервјуто дојде во време на нови дипломатски напори од страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за наоѓање решение за војната што трае веќе четири и пол години.
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, се сретна во средата во Санкт Петербург со рускиот претседател Владимир Путин, со кого разговараше околу три часа. Виткоф се сретна со Зеленски во Осло еден ден претходно.
Зеленски ги оцени разговорите во норвешката престолнина како продуктивни, но изрази сомнежи за подготвеноста на рускиот претседател навистина да ја заврши војната.
Украинскиот претседател посочи дека замрзнувањето на сегашните фронтовски линии може да биде дел од евентуален договор за прекин на огнот, што би овозможило прекин на борбите и започнување на преговорите.
Сепак, тој истакна дека Украина нема да се согласи да се откаже од територијата што моментално ја контролира, ниту пак ќе ги признае окупираните области како дел од Русија.
„Нашата земја е многу важна затоа што станува збор за луѓе, а не за километри. Многумина загинаа бранејќи ја оваа земја, нашата независност и нашата држава“, рече Зеленски.
Тој додаде дека никој нема да ги признае окупираните територии како руски и изрази жалење ако одредени меѓународни актери не го разберат овој став.
„Никој нема да ги признае овие територии, кои се привремено окупирани, како руски територии и мислам дека Русија го разбира тоа. Штета е ако некој не разбира, но тоа зависи од нив“, рече украинскиот лидер.
Зеленски изјави дека размената на разузнавачки податоци со САД е обновена, но дека воената комуникациска служба „Старшилд“ на компанијата „СпејсЕкс“ сè уште не е целосно обновена во функција.
Тој ги издвои продолжувањето на санкциите против Русија и испораката на понапредни ракети за воздушна одбрана како клучни потреби на Украина.
„Не ги укинувајте санкциите против Путин и дајте ни подобри ракети“, рече украинскиот претседател, пренесува Танјуг.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, во средата изјави дека најголемите несогласувања во преговорите во моментов се однесуваат на иднината на преостанатиот дел од Донбас, источниот украински регион кој е претежно под руска контрола.















