Кремљ: Русија и Украина ги усогласуваат роковите за прекин на огнот

Макфакс

23/10/2026

20:10

575

Големина на фонт

а а а

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија и Украина ги усогласуваат роковите за прекин на огнот во Олешки за да се овозможи хуманитарна помош и евакуација на цивили. Договорот, кој треба да стапи на сила на 29 октомври, претставува локален и привремен прекин на борбените дејства.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека руските и украинските воени сили ги усогласуваат роковите за прекин на огнот во подрачјето на градот Олешки, во Херсонската област, пренесува РИА Новости.

„Луѓето кои сакаат ќе можат да го напуштат тоа место“, рече Песков.

Тој наведе дека Русија ги поздравува напорите на првата дама на САД, Меланија Трамп, која, според него, дала значителен придонес во хуманитарната операција во Олешки.

Песков додаде дека голем придонес дале и руската омбудсманка Јана Лантратова и нејзиниот украински колега Дмитро Лубинец.

Истовремено, портпаролот на Кремљ изјави дека воената соработка меѓу Вашингтон и Киев не е прекината.

„Не треба да гледаме на ова низ розови очила. Но, тоа не го спречува усогласувањето на толку важни хуманитарни мисии, постигнувањето договори и усогласувањето на многу сложени детали“, рече Песков.

Договорот треба да стапи во сила на 29 октомври

Белата куќа претходно денеска соопшти дека Соединетите Американски Држави посредувале во постигнување договор за прекин на борбените дејства во Олешки, кој треба да стапи во сила на 29 октомври.

Станува збор за локален, привремен прекин на огнот, чија цел е да се овозможи доставување хуманитарна помош и евакуација на цивилите.

Олешки се наоѓа на левиот брег на реката Днепар, спроти градот Херсон, кој е под контрола на украинските сили.

Гувернерот на Херсонската област, Владимир Салдо, претходно изјави дека украинските сили поставуваат мини од далечина на патиштата и со беспилотни летала напаѓаат возила, со цел да го спречат доставувањето храна, гориво и лекови.

Според неговите тврдења, украинските сили напаѓаат и објекти од енергетската и комуникациската инфраструктура, со цел да предизвикаат тешка хуманитарна состојба.

Песков претходно изјави дека руската војска прави сè за да го реши проблемот со доставувањето храна и лекови. Тој ја оцени состојбата во градот како критична, тврдејќи дека украинските власти со сите средства се обидуваат да го спречат снабдувањето.