Чешката влада ја изгласа предложената реформа за финансирање на јавните медиуми која предвидува укинување на задолжителната претплата и пренасочување на финансиите директно од државниот буџет. Ова предизвика критики за можна загроза на независноста на медиумите и најави за штрајк од новинарите.
Чешката владејачка коалиција во раните утрински часови, во 4:36 часот, го изгласа во прво парламентарно читање предлогот за промена на финасирањето на јавните медиуми, и покрај предупредувањата дека новиот модел може да ја загрози нивната независност.
Предлогот на популистичката влада на милијардерот и премиер Андреј Бабиш, која ја поддржува крајнодесничарската партија СПД, предвидува укинување на задолжителната месечна претплата за домаќинствата, која изнесува 205 круни, односно околу девет евра. Наместо преку претплата, јавните медиуми би се финансирале директно од државниот буџет.
Владата тврди дека со ова ќе ги намали трошоците за граѓаните. Критичарите, пак, предупредуваат дека зависноста од државниот буџет може да ги изложи јавните радиодифузери на политички притисоци и да ја ослабне нивната независност.
Предлогот бил ставен на дневен ред надвор од планираниот распоред, а претседателот на парламентот, Томио Окамура од СПД, ја ограничил расправата и го закажал гласањето во раните утрински часови. По гласањето, предлогот е упатен до парламентарните комисии за понатамошно разгледување.
Стотици демонстранти се собрале пред парламентот, а дел од нив останале таму во текот на ноќта. Според локалните медиуми, неколку лица се обиделе да влезат во зградата, но не успеале.
Опозициските партии ги споредуваат предложените промени со реформите во Унгарија за време на поранешниот премиер Виктор Орбан, обвинувајќи ја владата дека со новиот модел може да отвори простор за поголемо политичко влијание врз медиумите.
Чешката телевизија е најгледана телевизиска куќа во земјата меѓу главните возрасни групи, а јавните медиуми се меѓу изворите на вести на кои граѓаните најмногу им веруваат, според истражувањето на Институтот „Ројтерс“ од 2025 година.
Предлогот предвидува финансирањето на Чешката телевизија и Чешкото радио да се намали за околу 15 проценти, можно е веќе од следната година, а номиналниот износ потоа да остане непроменет неколку години.
„Нема војна против независните медиуми. Нема борба за демократија, ниту се подготвува национализација на медиумите“, напиша Бабиш на Фејсбук во петокот вечерта.
Европската федерација на новинари го критикуваше предлогот, оценувајќи дека е спротивен на Европскиот акт за слобода на медиумите, кој бара соодветно, стабилно и предвидливо финансирање на јавните медиумски сервиси.
Против измените се изјаснија и јавниот радиодифузен сервис, меѓународни новинарски здруженија, универзитети и Католичката црква.
Новинарите и другите вработени во јавните медиуми најавија штрајк за 3 ноември, а граѓанско здружение повика на протест во недела.












