Грчката полиција заплени голема количина на фалсификувани играчки во Солун, а компанијата што ги продавала доби казна од 100.000 евра. Во акцијата беше уапсен едно лице, а против него е покрената постапка за кривични дела.
Грчката полиција уапсила 43-годишен странски државјанин, привремено задолжен за работата на продавница во западниот дел на Солун, откако инспекторите во магацин откриле 22.834 играчки со фалсификувани заштитни знаци.
Акцијата ја спровела Меѓусекторската единица за контрола на пазарот (ДИМЕА), во соработка со тимот КОЕ-МЕТЕЛ од Солун, пренесува „Катимерини“.
Според соопштението на грчката полиција, запленетите производи имале копии или измамнички имитации на регистрирани заштитни знаци на странски компании.
Сите играчки биле запленети и уништени, а на компанијата ѝ е изречена административна казна од 100.000 евра.
Против 43-годишникот е покрената постапка за фалсификување, прием и дистрибуција на производи прибавени со кривично дело, како и за прекршување на законодавството за заштитни знаци.
Се очекува осомничениот да биде изведен пред надлежниот обвинител.








