Германската консултантска компанија „USCALE“, специјализирана за електрична мобилност, ги објави резултатите од истражувањето „USCALE EV Satisfaction Study 2026“, засновано на искуствата на 4.004 сопственици на електрични автомобили во Германија, Австрија и Швајцарија.
Рангирањето е направено според показателот „NPS“ („Net Promoter Score“), кој ја мери подготвеноста на корисниците да препорачаат одреден бренд.
Иако истражувањето опфаќа само три европски пазари, неговите резултати можат да бидат интересни и за купувачите во другите европски земји.
На врвот на листата се „Xpeng“, „Tesla“, „Škoda“ и „Porsche“.

„Xpeng“ остварил „NPS“ од 76, при што 82 отсто од анкетираните сопственици би ја препорачале оваа марка, додека само шест отсто би советувале да не се купува.
И „Tesla“ забележала одличен резултат: 79 отсто поддржувачи и седум отсто противници, што одговара на „NPS“ од 72.
На спротивниот крај од рангирањето се „MG“ со „NPS“ од-7, „Fiat“ со-10 и „Opel“ со-11.

Софтверот и полнењето сè повеќе влијаат врз задоволството
Истражувањето покажува дека досегот и возните карактеристики повеќе не се единствените важни критериуми за сопствениците на електрични автомобили.
Сè поголема улога имаат квалитетот на мултимедијалниот систем, поврзливоста, апликациите и едноставноста на планирањето патувања.
Проблемите со апликациите за полнење, забавената работа на софтверот и прекините во работата на мултимедијалните системи можат значително да го нарушат искуството на сопствениците.

Возачите очекуваат дигиталните функции на автомобилот да бидат едноставни и сигурни, како оние на современите паметни телефони.
Планирањето подолги патувања, исто така, останува проблем кај одредени марки.
Ако фабричката навигација не ги пронаоѓа сигурно станиците за полнење, возачите мора да се потпираат на апликации од други производители.
Цената и енергетската ефикасност можат делумно да ги ублажат овие недостатоци.

Помалите електрични модели на „Fiat“, на пример, можат да ги привлечат купувачите со ниската потрошувачка, но тоа не мора да биде доволно за да ги надомести послабите оценки во другите категории.
Заклучокот од истражувањето е дека целокупното искуство при користењето станува еднакво важно како и самото возење.
Квалитетот на изработката, ергономијата и сигурниот софтвер сè повеќе влијаат врз тоа дали сопствениците ќе го препорачаат својот електричен автомобил, пренесува „B92“.










