Не е само „Binance“, хакери ги испразнија паричниците и на корисници на „Polymarket“: Штетата се мери во милиони долари

Точка

30/10/2026

19:29

1.600

Големина на фонт

а а а

Криптоиндустријата во ист ден ја погодија два сериозни безбедносни инциденти. Додека сè уште се утврдуваат размерите на хакерскиот напад врз „Binance“, за кој веќе пишувавме, на мета на напаѓачите се најде и „Polymarket“, популарна платформа за предвидување настани. Според процените на аналитичката компанија „Bubblemaps“, околу 700 корисници изгубиле вкупно 2,7 милиони долари.

Нападот се случил на 29 октомври, но хакерите не ја компромитирале директно инфраструктурата на „Polymarket“. Наместо тоа, искористиле безбедносен пропуст кај надворешен давател на услуги од Велика Британија, за кој се наведува дека е компанијата „DebugBear“.

Злонамерниот код им овозможил на напаѓачите да ги искористат активните кориснички сесии, да ги продадат позициите на корисниците и да ги префрлат средствата во паричници под своја контрола.


„Polymarket“ привремено го запрел тргувањето, а по отстранувањето на проблемот платформата повторно станала достапна. Компанијата соопштила дека на сите погодени корисници ќе им ги надомести загубите, додека случајот бил пријавен до надлежните британски органи.

Инцидентот не го погодил „Polymarket US“, посебна платформа што работи на американскиот пазар.


Овој напад се случил само неколку часа пред инцидентот на „Binance“, чии размери се значително поголеми. Според најновото соопштение на таа криптоберза, вкупниот износ на средствата опфатени со безбедносниот инцидент е проценет на 6,3 милијарди долари, од кои приближно три милијарди веќе се замрзнати.

Иако нападите се случиле речиси истовремено, засега нема потврда дека се меѓусебно поврзани. Прелиминарната истрага на „Binance“ укажува на компромитиран компјутер на еден од инженерите, додека „Polymarket“ бил погоден преку надворешен сервис.


За „Polymarket“ ова не е прв ваков проблем. Во јуни годинава корисниците изгубиле повеќе од два милиона долари во напад што исто така вклучувал компромитирање надворешен давател на услуги.