Осумнаесет загинати во напад врз село во Украина, се огласи Зеленски

Макфакс

02/11/2026

20:09

246

Големина на фонт

а а а

Во серија руски напади врз село во југоисточна Украина загинаа осумнаесет лица, а зеленски ги осуди нападите кои биле насочени кон училиште користено за хуманитарни цели.

Осумнаесет лица загинаа, а петмина се повредени денес во серија руски напади врз село во југоисточна Украина, соопшти претседателот Володимир Зеленски, опишувајќи го бомбардирањето како „апсолутно ужасно“.

„Од утрово, селото беше погодено од бомби во повеќе наврати. Нападите беа насочени кон училиште кое се користеше за хуманитарни цели, тоа беше место каде што локалното население добиваше помош“, напиша тој на социјалните мрежи.

На Телеграм, Зеленски појасни дека руските сили првично фрлиле авионски бомби врз училиште во селото Комишуваха, кое служело за дистрибуција на хуманитарна помош. Потоа уследил уште еден напад со девет дополнителни бомби, при што биле погодени и локации што служеле како засолниште за жителите на селото.

„Русите не можеле, а да не знаат дека жителите што останале во Комишуваха секоја недела добиваат хуманитарна помош токму на тоа место. Ова е уште еден доказ дека Русија не се стреми ниту кон деескалација, ниту кон вистинска правда“, додаде тој.

„Овие напади ја уништуваат секоја надеж за напредок кон мир“, истакна украинскиот претседател, додавајќи дека по хуманитарната операција во Олешки, постоел момент кога се чинело дека се можни понатамошни чекори кон мир.