Заштедите на граѓаните не смеат да бидат доведени во ризик, порачуваат од Алијанса за Албанците

Макфакс

03/11/2026

13:50

237

Големина на фонт

а а а

Алијанса за Албанците укажува на загриженоста на граѓаните поради ограничувањата за повлекување на нивните заштеди од „Алта банка“ во Битола, предупредувајќи на важноста да не се доведат во ризик средствата на штедачите и барајќи итни мерки за нивна заштита.

Последните случувања со „Алта банка“ во Битола нè потсетуваат на горчливите искуства од минатото. Граѓаните не го заборавиле скандалот со штедилницата ТАТ во 1997 година, ниту пропаѓањето на Еуростандард банка во 2020 година. Во двата случаи, последиците ги почувствуваа луѓето кои со години работеле и штеделе, истакнуваат од Алијанса за Албанците.

Денес, додаваат од оваа партија, повторно имаме граѓани кои се загрижени за своите заштеди.

Неприфатливо е, подвлекуваат од таму, еден пензионер или едно семејство да биде ограничено на повлекување само 10.000 денари неделно, кога тие пари можеби им се потребни за лекување или за други итни потреби.

„Иако ситуацијата со „Алта банка“ се разликува од претходните случаи, искуството со ТАТ и Еуростандард банка требаше да нè научи дека последиците од погрешните финансиски одлуки не смеат да ги плаќаат граѓаните“.

Народната банка, потенцираат од Алијанса за Албанците, мора да објасни како било одобрено преземањето на банката, какви контроли биле спроведени и кога се очекува да бидат укинати ограничувањата.

Алијансата за Албанците бара итни мерки за заштита на штедачите и решение за граѓаните на кои итно им се потребни нивните средства.

„Никој не смее да биде доведен во ситуација да ја моли банката за да си ги подигне сопствените пари“.