Илјадници луѓе протестираат во Чешка против промените во финансирањето на јавните медиуми

Макфакс

03/11/2026

20:26

197

Големина на фонт

а а а

Илјадници луѓе во Чешка протестираат против планираните промени во финансирањето на јавните медиуми, кои би значеле помала финансиска поддршка и загрозување на нивната независност. Протестите се одржуваат во Прага и други градови, додека вработените во јавната телевизија и радио се во штрајк.

Илјадници демонстранти, меѓу кои студенти и уметници, излегоа на улиците на Прага и други чешки градови за да ги поддржат вработените во јавната телевизија и радио, кои штрајкуваат против владиниот план за промена на нивното финансирање.

Според предлогот, јавните медиуми повеќе не би се финансирале преку месечна претплата од граѓаните и компаниите, туку директно од државниот буџет, при што би добивале 15 отсто помалку средства.

Вработените и демонстрантите предупредуваат дека ваквата промена би ја загрозила независноста и финансиската стабилност на јавните медиуми и бараат владата да се откаже од реформата.

Поради штрајкот, програмата на Чешката телевизија била скратена. На 24-часовниот информативен канал, водителите облечени во црно читале вести од хартија, додека редакцијата била во темнина.

Предлог-законот на владата на Андреј Бабиш минатиот месец го поминал првото гласање во парламентот, а сега следува натамошна расправа.

Опозицијата и критичарите на реформата сметаат дека финансирањето од државниот буџет би ѝ овозможило на владејачката коалиција да врши политичко влијание врз уредувачката политика на јавната телевизија и радио.